Есенското цвеќе е најубаво
Французите продолжија со комплетирање на електричната понуда – како што беше најавено пред две години, таа сега е дополнета и со Peugeot 408. Привлечниот купе-кросовер со својот елегантен изглед и динамичната силуета отсега ќе биде и еколошки за возење – со нулта емисија ќе може да помине 453 километри со едно полнење на батериите. И возбудлив секако бидејќи електромоторот од 210 коњски сили ќе му овозможи перформанси за почит. Но истовремено и безгрижен бидејќи за него Peugeot преку својата Allure Care програма дава гаранција од 8 години или 160.000 km, најмногу што некој европски производител има.
Неочекувано поинаков, Peugeot 408 не треба посебно да се претставува. Барем не дизајнерски бидејќи купувачите веднаш го препознаа и не така ретко се среќава на патиштата. Поставен на врвот од сегментот тој со своето држење, мускулестите линии и генерално софистицираноста на дизајнот до најфините детали засени многу поскапи и поголеми модели од него. Во внатрешноста се среќава i-Cockpit опкружувањето со 10-инчен екран за инструментите и исто толкав за мултимедискиот систем кој може да се поврзе со два телефона истовремено и подржува Apple CarPlay и Android Auto.
Како и е-308 и овој модел е базиран на корпоративната EMP2 мултиенергетска платформа. Полнењето на батериите од 20 до 80 отсто капацитет трае околу 30 минути. Користењето на возилото е значително поедноставен со интегрираниот планер на патувањата. За да ја пресмета и предложи идеалната рута системот зема во предвид повеќе фактори – должината и видот на патот, наполнетоста на батериите, брзината и потрошувачката на енергија, сообраќајот и секако достапните станици за полнење. На возачот му стојат на располагање уште два режими на возење во кои електромоторот на e-408 испорачува максимални 170 односно 190 коњски сили.
Лансирањето на e-408 го поставува Peugeot чекор поблиску до амбициите да стане водечки производител на електрични возила во Европа. Тоа ќе го покаже и со својата постава од вкупно 12 електрични модели на претстојниот салон на автомобилите во Париз кој ќе ги пречека посетителите на 15-ти овој месец. Нарачки за е-408 веќе се примаат, а цената во Франција е поставена на 42.470 евра. Производството ќе се одвива во фабриката во Милуз заедно со e-308.