Peugeot – 9X8

насловна Поглед во иднината

Супер лав

Најновата креација на Peugeot можеби најавува сериски хипер автомобил?

објавено 07. јули 2021

Навикнати сме од Peugeot да гледаме извонредно креативни и атрактивни студии. На општа радост претставениот 9Х8 е реален производ наменет да го врати во игра лавот од Елисејските полиња на тркачките патеки и тоа во најтешката категорија. 24 часовните трки на издржливост се врвот на автомобилистичкиот спорт и тука има место само за најдобрите.

На нив, од идната сезона, повторно ќе им се придружи Peugeot со интригантно дизајниран изглед и технологии кои се функционални. Хибридната технологија не е ништо ново а конструкцијата со електромотор на секое тркало Peugeot ја најави уште пред 20 години во серијата „милениумски“ студии обединети под името City Toyz. Многу вода протече по Сена додека овие технички концепти не дојдоа во секојдневна примена, а тоа се случува на најдобар можен начин. Peugeot 9Х8 е наследник на 905 и 908, машините што господареа на ЛеМан во 1992, 1993 и 2009 година.

Скроен во тесна соработка на одделенијата за спорт и дизајн новиот тркачки модел го применува најдоброто од двете сфери. Од најавата за учество на Peugeot за вклучување во новата класа Le Mans Hypercar трки на издржливост, фабриката во Версај, близу Париз, работи со пона парена на 9X8. Како што беше планирано на задниот дел од автомобилот сместен е 2,6-литарски би-турбо V6 мотор кој заедно со четирите електромотори развива 680кс кои се дистрибуираат на сите тркала.

Неговите тестови се одвиваат веќе три месеци а наскоро ќе започне да се тестира новиот моторот-генератор од 200 kW, секвенцијалниот менувач со седум степени и моќната, технолошки софистицирана, високонапонска батерија од 900 волти со висока густина која се развива од страна на PEUGEOT Sport и Saft заедно со TotalEnergies. До стартот на идната сезона останаа помалку од осум месеци, период доволен за да се крунисаат испитувањата и тимот успешно да се појави во следната сезона. Дали во блиска иднина ќе не изненади некаков хипер автомобил со лав на хаубата останува да се види, но фактот дека Peugeot  е технолошки подготвен за тоа е непобитен!