Peugeot има уште милионери
Само еден месец по информацијата дека Peugeot има произведено милион примероци од 308 и половина милион од 3008, од фабриката во Мулхаус стигна вест за уште еден милионер
Објавено на 13 јануари 2019 година
автор: Стефан Рафајловски
По шест години од лансирање на Peugeot 2008, фабриката на PSA групата во Мулхаус го произведе милионитиот примерок од овој модел. Популарниот субкомпактен SUV во моментов се произведува на три континенти, во Европа, Кина и Латинска Америка. Неговата приказна започна во 2013 година во Мулхаус, местото од каде сега излезе јубилејниот примерок. Од самото лансирање тој ја носи ознаката „Origine France Garantie“ заслужена со 62 отсто од компонентите кои се произведени во Франција. Ширум светот 2008 е произведен во повеќе од 1,2 милиони примероци и секаде каде се појави брзо ги освои купувачите. Рангирајќи се помеѓу првите три модели во B-SUV сегментот во 30 европски земји, тој продолжува да биде голем успех. Во Мулхаус секој ден се произведуваат по 780 примероци од 2008, со што од оваа фабрика во 2018 година излегоа вкупно 193.000 примероци. Таму Жан-Филип Импарато, главниот извршен директор на брендот, ги предаде клучевите од милионитиот Peugeot 2008 на г-ѓа Ц. Јунг, која е лојален клиент на марката.