Epitome го комбинира шест литарскиот V12 со два турбополначи и мануелен менувач со седум брзини
Уникатниот Pagani Huayra Epitome ќе дебитира на Фестивалот на брзина во Гудвуд. Се смета дека е врв на уличните автомобили на Pagani и е првата Huayra што е опремена со рачен менувач со седум брзини изработен од Xtrac.
Тој има спојка со троен диск за да овозможи подобра трансмисија на вртежниот момент и диференцијалот е електронски управуван. Менувачот е поврзан со шест литарски V12 со две турбини кој произведува 864 КС и вртежен момент од 1.100 Nm.
Моторот од Mercedes-AMG му овозможува на Epitome да постигне електронски ограничена максимална брзина од 350 км/ч. Бидејќи се работи за специјална нарачка од клиент направени се доста измени. Инженерите ја ревидираа геометријата на суспензијата што го намалува „нуркањето“ во забрзувањето и сопирањето и однесувањето во свиоците.
Epitome, исто така, е опремен со активен систем за суспензија што се одликува со „супер мек“ режим за дополнителна удобност на нерамни патишта. Додека каросеријата од сино јаглеродни влакна несомнено ќе привлече внимание, Epitome вклучува голем број уникатни детали.
Има нов преден браник со интегриран сплитер кој помага да се обезбеди зголемена надолна сила. Нему му се придружуваат поголеми доводи, нови внатрешни канали и ексклузивни единици за осветлување. Уникатноста на задниот дел ја дава интегрираниот спојлер во форма на крило.
Ним им се придружуваат аеродинамички оптимизирани капаци на задните светла и титаниумски издув со шест канали. Huayra Epitome е резултат на повеќемесечна работа и сè беше овозможено од одделот Grandi Complicazioni на Pagani, кој работеше рака под рака со клиентот. Компанијата соопшти дека почетната фаза на концептуализација траела девет месеци, а била проследена со десет месеци дизајн и развој.