Остар како жилет
Новиот Ford Edge ST со своите 335 коњски сили ќе биде претставен во Детроит
Објавено на 12 јануари 2018 година
Објавувајќи ја најавата STay tuned, Ford ја заскокотка фантазијата на многумина. Од порано се знаеше дека спортските ST модели ќе се множат, но не и по кој редослед. Недоумицата која ќе биде премиерата закажана за Детроит брзо беше разрешена – Ford не можеше да се воздржи и да не се пофали дека тоа е кросоверот Edge. Со тоа се приклучи на глобалниот тренд за лансирање моќни изведби на големите SUV модели. А Edge ST ем е голем, ем моќен – под поклопецот на моторот се крие 2,7 литарски твин-турбо V6 моторот од неговата Sport изведба, но овој пат навиена на 335 KS – уште малку па колку Focus RS. Сите тие коњи се пренесуваат на четирите тркала исклучиво преку 8-степен автоматски менувач – друга опција не е достапна.
За перформансите од Ford засега молчат – нешто мораше да се сочува за Детроит. Но какви и да се, нив ќе ги кроти новото ослонување. Објаснија и дека Edge ST има порешителен одговор на педалата за гас и подобар звук од двојните издувни цевки. За одличниот визуелен впечаток ќе се погрижат 21-инчните тркала, а поголемиот дел од хромираните делови се заменети со црни со што Edge доби на агресивност.