Под висок напон и емотивни дизајнерски освежувања, пристигна првиот спортски Opel на модерното време
Opel се навраќа на своите славни, стари времиња, кога беше големо име во светот на авто-спортот. Сега амбициите се корпорациски врамени, но секако се за поздравување.
Воскреснувањето на спортскиот беџ GSE е направено преку малиот кросовер Mokka. Ова е симболична изјава на „Молњата од Руселсхајм“. Токму така, бидејќи Opel се посвети на електрификацијата во спортот од своите мали модели.
Corsa е веќе четири години активна во рели натпреварите за електрични возила, па сосема природно е нејзиниот близнак, пресоблечен во костум на кросовер, да ја пресече лентата на комерцијалните модели на која пишува GSE! И тоа е направено на вистински начин, бидејќи со своите 280 КС Opel Mokka GSE веќе ги прави традиционалните „жешки“, бензински тркачи, љубоморни.
Таа е најбрзиот и најагресивниот електричен модел излезен со знакот на молњата досега. Со спортски браници, жолти сопирачки шепи и 20-инчни алуминиумски тркала Opel Mokka GSE ќе врти многу вратови. Малите електрични автомобили со високи перформанси секогаш се добредојдени, а во Европа, Stellantis тивко состави разновидна линија низ своите брендови.
Меѓу нив се Abarth 600e, Alfa Romeo Junior Veloce, Lancia Ypsilon HF и најавениот Peugeot 208 GTI. Оваа електрична варијанта го започнува обновениот под-бренд GSE на Opel со поостар стил и подобрувања на перформансите. Најбрзиот електричен модел на Opel сега изгледа поагресивно од обичната Mokka, инспириран од прототипот GSE Rally кој дебитираше пред два месеци.
Сепак, она што ги боде очите се 20 инчните алуминиумски тркала со чист, аеродинамичен дизајн и светло жолти сопирачки шепи, кои изгледаат особено робусни за компактен кросовер. Оние кои ќе имаат можност да седнат во Mokka GSE ќе забележат дека седиштата се пресвлечени со алкантара и обликувани да го гушнат телото.
Преобликуваниот волан, алуминиумските педали и белите и жолтите акценти помагаат Mokka GSE да се разликува од нејзините поскромни браќа и сестри. Двојните 10 инчни екрани во дигиталниот кокпит сега вклучуваат графика фокусирана на перформансите уникатна за овој модел, обезбедувајќи податоци во реално време во тек на возењето.
Моќта, како кај останатите електрични билдери на Stellantis, доаѓа од еден електричен мотор кој произведува 207 kW или 280 КС и 345 Nm вртежен момент. Предните тркала ја пренесуваат целата таа моќност со помош на Torsen диференцијал со ограничено пролизгување. Opel тврди дека Mokka GSE може да забрза од 0 до 100 км/ч за 5,9 секунди, додека брзинометарот е ограничен да застане на бројката 200. Ова ја прави Mokka GSE побрза од помоќниот, но потежок Grandland Electric AWD. Освен што има речиси двојно поголема моќност од стандардниот Mokka Electric, GSE има уникатна поставеност на подвозјето.
Суспензијата е спуштена за 10 мм и вклучува двојни хидраулични амортизери за подобро одговор на оптпварувањата. Задната оска е поцврста, управувањето е посебно подесено, а моќта на запирање и регенерација доаѓа од дискови од 380 мм. Mokka GSE користи исти литиум-јонски батерии од 54 kWh што се наоѓаат во „цивилната“ Mokka Electric, па се очекува помала автономија од 406 км. Сепак, GSE ја задржува својата тежина. под 1.600 кг, што не е лошо за целосно електричен кросовер со ова ниво на перформанси. Најверојатно деталите и цената за Opel Mokka GSE ќе бидат објавени во Минхен на претстојната смотра на автомобили IAA 2025 на 8-ми септември.


