Opel Corsa избрана за автомобил на годината во Македонија за 2020-тата

Top News Македонија

Opel Corsa избрана за автомобил на годината во Македонија за 2020-тата

Објавено на 24 февруари 2020 година

Националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија годинава по 25-ти пат го организира изборот кој е најстарата манифестација од ваков вид во Македонија и регионов. Од моделите пристигнати на нашиот пазар помеѓу двата избора, жирито согласно правилникот за работа и критериумите на изборот одреди шест финалисти кои годинава рамноправно конкурираа за титулата. Победникот како награда добива стилизирана маска на ладилник, авторско дело на Валентин Ширилов, направено специјално за изборот на автомобил на годината во Македонија уште од 1995 година. Листа на финалисти ја сочинуваа Kia xCeed, Toyota RAV4, Opel Corsa, Mazda3, BMW серија 1 и SsangYong Korando. Право на глас имаат и финалистите, кои можеа да гласаат за еден кандидат, освен за сопствениот модел. Возилото што доби најмногу гласови од финалистите освојува еден глас кој е рамноправен со гласовите на членовите на жирито.

По анализата на сите својства на возилата кои беа избрани како финалисти и по практичното запознавање со возните карактеристики, членовите на националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија титулата ја доделија на Opel Corsa. Овој модел како прв сосема нов откако Opel стана дел од семејството на PSA во целост ги оправда очекувањата. Современиот изглед и модерните технологии меѓу кои и електричната погонска група ѝ даваат предност во настапот на пазарот, посебно во земји како Македонија каде купувачите ќе ги освојува и со атрактивната цена. Гласот од финалистите годинава го доби моделот Mazda3. Од шесте финалисти за него тројца со што овој модел доби еден рамноправен глас при гласањето. При изборот на автомобилот на годината националното жири се раководеше од шесте критериуми:

  • адекватност и понуда на домашниот пазар
  • економичност и еколошка прифатливост
  • безбедност и примена на технолошки достигнувања
  • возни својства
  • дизајн
  • комфор и опременост

Секој член на жирито имаше на располагање 120 бода што треба да ги распредели на моделите финалисти. Победничкото возило Opel Corsa доби 110 бода од жирито (4 гласа), пред Mazda3 со 86 и Toyota RAV 4 која доби 81 бод. Токму овој модел го освои и признанието SUV на годината, и тоа заради тоа што со петтата генерација Toyota како наново да го лансираше RAV4. Тој сега е попростран и поудобен, со помоќен изглед и нови технологии спакувани во една урамнотежена целина со избалансирана цена. Вниманието на купувачите го привлекува и со хибридниот мотор кој ги замени дизелите. Целокупно гледано, RAV4 со многу свои особини се издвојува од бројната конкуренција во класата која своевремено токму тој ја популаризираше.

Националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија годинава по третпат го доделува и признанието „Томислав Биљарац“ во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на жирито за избор за автомобил на годината во Македонија. Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија кај нас. Одлуката на националното жири за избор на автомобил на годината во Македонија е признанието „Томислав Биљарац“ за 2020 година да биде доделена на Славка Каленикова.