Opel ја зголеми батеријата и силата на Astra со погон на приклучен хибрид
Во Руселсхајм како да не знаат за одмор, или сакаат на летниот колективен одмор да отидат со помалку грижи. Во тој дух, пред самата ваканција, ја претставија технички обновената Astra Plug-in Hybrid која доби 16 КС поголема моќност. Во исто време батерија од 12,4 kWh доби проширен капацитет за скоро пет киловат-часа и сега овозможува подолг електричен досег.
Наместо досегашните 57 километри електрична автономија, сега Astra бесшумно и без емисии на СО2 ќе може да помине до 83 километри, што е за 26 километри повеќе од порано. На 1,6 литарскиот турбо-бензинец со четирицилиндри не е интервенирано ништо. Тој сè уште произведува 150 КС. Но, затоа Astra PHEV доби посилен електричен мотор чија моќост се искачи на 92 kW, 11 kW повеќе. Ова ја зголемува системската моќност на Opel Astra Plug-in Hybrid на 196 КС додека вртежниот момент остана 360 Њутн метри.
Силата се пренесува преку седумстепен менувач со двојна спојка. Седан верзијата забрзува од 0 до 100 км/ч за 7,6 секунди, додека кај караванот трае незначително подолго. И покрај зголемените перформанси, Opel најави дека почетната цена не е променета во споредба со претходникот.


