Новогодишните честитки се уште се разменуваат со желби заедно да се радуваме во многу успеси годинава. Ако годината што е зад нас беше преполна со лоши вести и можеби трошка надеж, што тогаш да се каже за 2025-тата? Преполовената бензинска гама, исфрлањето на дизелите и одложувањето на идните електрични модели проследени со проблемите во кои се најдоа производителите го сведоа бројот на новитети кои треба да ги очекуваме на минимум. Во првиот работен ден во штотуку започнатата година ви ги претставуваме моделите кои треба да се појават во неа.
Audi Q5
Audi ќе го заокружи преминувањето на новата номенклатура во која парните бројки во ознаката ќе останат резервирано за електричните а непарните за класичните модели. Од нив најголем интерес секако ќе предизвика новиот Q5 кој како и досега доаѓа во две каросериски изведби.
Купувачите ќе ги освојува со целосно изменетиот изглед и редефинираната механика која и понатаму вклучува бензински и дизел мотори. За почеток гамата на Q5 ќе ја сочинуваат дволитарските верзии кои испорачува 204 коњски сили, а емоциите е ги предизвикува SQ5 опремен со трилитарски мотор со 367 коњи. Сите погонски групи се благо хибридно засилени со систем кој генерира дополнителни 24 коњи.
Audi Q6 Sportback
Електричната гама ќе биде засилена со Sportback верзијата на лани лансираниот Q6, кој е технолошки близнак на Porsche Macan. Во однос на стандардниот модел неговата елегантна купе-кросовер силуета има пониска линија на покривот
и закосено задно ветробранско стакло, а крилата наизглед проширени дизајнерски се инспирирани од култниот Audi Quattro. Ќе се нуди со вкупно четири погонски опции, со еден или два електромотора и моќност меѓу 252 и 490 коњски сили.
BMW Neue Klasse
BMW годинава треба наново да започне да ја пишува својата историја со сериските модели на Neue Klasse. Од вкупно шест планирани први ќе бидат седанот и кросоверот чии концепти веќе добро ни се познати.
Ќе ги следат нивните стилски карактеристики кои како спој на класичното и футуристичкото им даваат дизајн со малку повеќе персоналитет и реална обликуваност. Внатрешноста допрва треба да ја видиме, но во нејзиното уредување сигурно ќе владее минимализмот. Досега нема многу информации за електричната архитектура.
BMW 2 Gran Coupe
На пазарот ќе пристигне Gran Coupe верзијата на серијата 2 која порасна во големина. Номинално е означена како втора генерација но под кожата многу работи останаа исти. Од унапредувањата се издвојуваат стандардниот менувач со двојна спојка и подобреното ослонување кои даваат добра поддршка на помоќните агрегати.
Најслабиот е дизел со 150 коњи и за разлика од другите нема блага хибридна поддршка. Повеќе внимание секако ќе привлекуваат помоќниот 163-коњски модел и бензинецот со 170 коњски сили. Врвот на понудата е резервиран за бомбастичната M235 изведба чии 300 коњи се распределуваат на сите тркала.
BYD Sealion 7
Во својот незапирлив поход во Европа BYD ја прошири понудата и со новиот Sealion 7. Главна карактеристика на овој средно голем кросовер е дека го има најбрзиот електромотор во светот на автомобилите кој постигнува дури 23.000 вртежи во минута.
Сместен назад има 313 коњски сили кои ќе го дотераат до максимални 215 километри на час, а батериите со револуционерната Blade технологија ќе му обезбедат автономија од 480 километри. Во понуда ќе бидат и верзии со уште еден електромотор напред со вкупна системска моќност од 530 коњски сили и два пакета батерии. Цената на овој осми модел на BYD во Европа изнесува малку под 50 илјади евра.
BYD Seagull
Големи шанси да биде деветти модел во понудата има малиот Seagull кој за европската автомобилска индустрија ќе значи остварување на најлошите кошмари бидејќи во Кина се продава за девет илјади евра.
Има погонска група од 75 коњски сили и батерии за автономија од 400 километри а на списокот на опрема се наоѓаат систем за контрола на стабилноста, дигитална инструмент табла, темпомат и други корисни нешта.
Cadillac Vistiq
Од Америка во Европа ќе пристигне и електричниот кросовер Cadillac Vistiq. Дизајниран е во препознатливиот стил на другите електрични модели на марката со затворена маска со имитација на решетка и вертикални предни и дводелни задни светла.
Како техничка основа е искористена универзалната Ultium електрична платформа на General Motors чии 615 коњски сили се распределуваат на сите четири тркала. Батериите ќе му обезбедат проценета автономија од околу 480 километри.
Citroen C5 Aircross
Citroen моќно и смело ја дополнува својата понуда и нареден модел кој ќе го види светлото на денот е сериската верзија на C5 Aircross. Задолжен за подигнување на имиџот на марката на поексклузивно ниво се одликува со модерен дизајн чии стилски карактеристики му даваат енергичен и живописен настап со изобилство самодоверба.
Направен е на STLA Medium архитектурата и може да користи хибридни, бензински, дизел или електрични погонски групи. Освен должината од 4,65 метри Citroen не објави други технички податоци.
Cupra Raval
Додека Seat стагнира во моделската понуда, Cupra засилено гази напред. Третиот електричен модел веќе е дефиниран и ќе го носи името Raval.
Како технолошки близнак другите модели од групацијата познати по очекуваната цена од 25.000 евра, ќе се произведува во Шпанија. Raval секако ќе биде поскап од тоа бидејќи ќе го покрива повисокиот дел од сегментот нудејќи им на купувачите повеќе емоции.
Cupra Tavascan
Додека се чека да започне неговото производство, со продажбата ќе стартува на атрактивниот купе-кросовер Tavascan кој ќе доаѓа во две верзии. Основната е со единечен електромотор со 286 коњски сили, погон на задните тркала и автономија од 570 километри.
Поспортската изведба располага со два електромотора со вкупно 340 коњи кои ги задвижуваат сите тркала, а истиот пакет батерии овозможува поминување 520 километри со едно полнење. Цената во Шпанија е поставена на 52 илјади евра.
Cupra Terramar
Нема да останат запоставени ниту љубителите на октанскиот звук – годинава асортиманот на шпанската перформансна марка ќе биде засилен со привлечниот кросовер Terramar. Неговата моќна и претставителна појава дизајнерски е постигната со мускулести линии.
Механиката е заедничка со идниот Q3 а богатата моторна понуда стартува со 1,5 литарскиот турбо со 150 коњски сили. Следна опција е дволитарскиот TSi со 204 коњи а врв на понудата е Terramar VZ со агрегат исфорсиран на 265 КС. Дизели нема а плаг-ин хибриди се два, со 204 односно 272 коњски сили. Цените во Шпанија благо надминуваат 40 илјади евра.
DS №8
Вистинското ниво луксуз сепак и понатаму ќе го обезбедува DS, кој годинава својата понуда ќе ја засили со авангардниот модел означен како №8. Дизајнерски скроен токму таков каков што треба да биде – чуден, на граница на прифатливост, Ќе се нуди во три верзии.
Основна има 230 коњски сили и батерии доволни за 572 километри пат. Верзијата Long Range е со малку посилен мотор и поголеми батерии кои овозможуваат автономија од дури 750 километри, додека топ моделот пак може да се пофали со два електромотора со 350 коњи. Заради турбуленциите на пазарот можно е во иднина да се појават и хибридни верзии. Предвидено е да се произведува во Италија.
Dacia Bigster
Како пазарен лидер во Б-сегментот Dacia ја започнува својата офанзива и во повисоките категории каде традиционалните вредности на марката ќе ги претставува новиот Bigster. Направен е да биде робусен и ценовно прифатлив, но истовремено и современ и еколошки.
Под хаубата ќе се најдат нов хибриден агрегат од 155 коњски сили и благ хибриден мотор од 140 коњи кој може да работи и на течен нафтен гас. Единствена верзијата што ќе доаѓа со погон на сите тркала ќе располага со 130 коњски сили.
Fiat Grande Panda
Stellantis го сели акцентот на понудата кон Fiat чија иднина треба да се гледа од нова перспектива. Неа ја покажува Grande Panda која конструирана на истата платформа како и Citroen C3 ќе се произведува во Крагуевац.
Ретро-футуристичкиот дизајн ѝ дава естетска привлечност и моќен персоналитет а внатрешноста просто вриска со младешки дух. Според прелиминарните податоци ќе може да помине до 320 километри, а перформансите ќе ги обезбедува електромотор од 113 коњски сили. Ќе се нуди и како благ хибрид со 1,2 литарски трицилиндричен мотор со 100 коњи. Најавените цени ќе стартуваат од 19 илјади евра за хибридната и 25 илјади за електричната варијанта.
Ford Capri
Со помош на електриката, Capri повторно ќе живее – Ford одлучи купе-кросоверот базиран на европскиот Explorer да го носи легендарното име. Линијата на покривот е скоро рамна правејќи барем отстрана гледано повеќе да изгледа како подигната лимузина.
Кабината главно е како и кај Explorer, а кај механиката сé е очекувано и нема изненадувања. Основната верзија има погон на задните тркала со електромотор од 286 коњски сили и батериите доволни за 627 километри, додека варијантата со два електромотора на сите тркала испорачува 340 коњи.
Ford Puma
Струјата во иднина ќе завладее и кај Puma, чие електрично издание е на чекор од своето комерцијално лансирање.
Вешто се избегнуваат информациите за големината на батериите кои треба да го напојуваат електромоторот од 168 коњски сили. Патничката кабина останува со истите пропорции, а е најавена цена од 37 илјади евра.
Hyundai Inster
Hyundai годинава ќе нé почести со две интересни премиери – најевтиниот и најголемиот електричен кросовер на марката. Проектиран да се вклучи во глобалниот предизвик, основната верзија на симпатичниот
Inster ќе има електромотор од 97 коњски сили и батерии кои треба да обезбедат околу 300 километри. Цената се очекува околу 20.000 евра. Поскапите модификации ќе добијат посилен мотор од 115 коњи и батерии со кои автономијата ќе се продолжи на 355 километри.
Hyundai Ioniq 9
Со својата должина од преку пет метри, на врвот на понудата ќе се најде Ioniq 9. Раскошните димензии ќе обезбедат доволно простор за седум патници кои ќе уживаат во со опрема богато пополнетата внатрешност.
Верзијата со погон назад има електромотор од 218 коњски сили, а оние што ќе сакаат да се предизвикаат на терен на располагање ќе имаат и изведба со уште еден електромотор, сместен напред од 95 коњски сили. Батерии од 110 киловат-часа кои ќе обезбедат автономија до 620 километри.
Jeep Wagoneer S
И Jeep започна да се искачува кон својата електрична иднина до која ќе го однесе Wagoneer S. Иако го носи името на своите поголеми семејни роднини нема ништо заедничко со нив. Помал е всушност и од Grand Cherokee но големото во него е флексибилната платформа која ќе биде основа за многу други нови модели.
Способна е за повеќе погонски опции, но засега позната само онаа на струја која развива 600 коњски сили. Благодарејќи на батериите од масивни 100 киловат-часа во состојба е да помине 480 километри. Ќе следат и поевтини верзии со помала моќност и пократка автономија.
Kia EV3
И Kia има нов електричен модел. Се одзива на името EV3 и со своите 4,3 метри е замислен и изведен токму за европскиот пазар.
Стилски претставува благ футуристички напредок во однос на другите модели од електричното семејство на Kia, но за разлика од нив има погонски предни тркала кои силата ја добиваат од електромотор со 204 коњи. Стандардните батерии обезбедуваат автономија од 410 а поголемите од повеќе од 600 километри. Цената му стартува од 36 илјади евра.
Kia Sportage
Три години по лансирањето Корејците естетски и технички ја освежија сегашната генерација на Sportage.
Најзабележлива визуелна промена е новиот преден дел инспириран од електричната гама на марката. Техничките спецификации за европските верзии кои ќе се произведуваат во Словачка засега не се објавени, ниту пак цените.
Leapmotor T03 & C10
Повеќе кинески производители имаат планови за производство на своите возила во Европа но засега единствен кој може да се пофали со тоа е Leapmotor.
Оваа релативно мала компанија успеа во тоа под закрила на Stellantis кој со откуп на 20 отсто од нејзините акции ја вклучи во својата мрежа. Освојувањето на европските пространства започна со урбаниот Т03 за кој гордо се тврди дека има внатрешност за класа поголема од сегментот на кој припаѓа. Има електромотор од 95 коњски сили и автономија од 265 километри, а цената му е поставена на провокативни 18.900 евра.
Сепак повеќе надеж се гледа во кросоверот C10 кој e ориентиран кон семејните купувачи. Располага со 218 коњски сили и батерии доволни за поминување 420 километри, а чини двојно повеќе – 36.400 евра.
Lotus Emeya
Струјата е заслужна за враќањето и на Lotus кој иако формално е британска компанија сега е под контрола на Кина. Таму се произведува и вториот нивни електричен модел, лимузината Emeya наменета директно да се бори со Porsche Taycan и сличните на него.
Ќе се нуди со две различни погонски групи со 600 и 918 коњи, а батериите во зависност од верзијата обезбедуваат автономија меѓу 480 и 650 километри. Цените стартуваат од 95 илјади фунти.
Lynk & Co 02
Потпаѓајќи во финансиски проблеми Lynk & Co ја загуби својата независност и во иднина ќе се спои со Zeekr. Тоа всушност можеше и да се очекува бидејќи поновите модели им се заеднички, каков што е и новолансираниот Lynk & Co 02 наменет за европскиот пазар.
Овој електричен кросовер ќе доаѓа со еден електромотор од 272 коњски сили сместен назад и батерии доволни за автономија од 435 километри. Како велат развиен е во Шведска, а срцата на купувачите ќе ги освојува со својата купеовска линија на стаклениот покрив.
MG 3 Hybrid+
MG кој со својата продажба на Стариот Континент веќе надмина половина од јапонските производители цврсто гази во спроведувањето на своите планови. Така според предвиденото е лансирана новата генерација на компактниот хечбек MG3 кој плени со изглед близок до електричниот MG4 и напредниот хибриден погон.
Сочинет е од 1,5 литарски бензински агрегат и електромотор кои заедно располагаат со 194 коњски сили, со тристепен автоматски менувач. Димензиите во однос на претходникот малку се зголемени, внатрешноста попространа а значително побогатата опрема вклучува и широка листа безбедносни системи.
MG ZS & HS
Покрај бензинскиот и електричниот, истиот погонски систем од MG3 сега го има и обновениот кросовер ZS.
Го краси и помодерен дизајн, опремата е докомплетирана со серија асистенти на возачот а цените се задржани на прифатливо ниво. Истото може да се каже и за поголемиот HS кој во својата своја втора генерација е поширок и подолг од претходникот.
На располагање во бензинско, хибридно и плаг-ин издание со цени кои стартуваат од 25 илјади фунти.
Neo EL8
Тешко е од другите кинески производители со европски амбиции да се издвои на што треба да се сврти внимание, но сигурни сме дека некои модели со своите карактеристики сами за себе ќе го сторат тоа. Таков е и интересниот EL8 со кој перспективната компанија Nio директно ќе го напаѓа BMW iX.
Складно дизајнираниот кросовер доаѓа со две пакувања батерии кои му овозможуваат автономија од 390 односно 510 километри и два електромотора со вкупно 653 коњски сили. Во амбициите да биде прифатен ќе му запречи цената од 83 илјади евра, без батерии за кои ќе треба да се доплатат 12 или 21 илјада евра во зависност од големината.
Mazda CX-80
Mazda ја дополни својата гама во Европа со големиот кросовер CX-80. Долг е речиси пет метри, има три реда седишта и сосема невообичаена погонска понуда – купувачите ќе можат да бираат
меѓу плаг-ин бензински мотор со 327 коњски сили и благ хибриден дизел со 254 коњи. И двата агрегати се впарени со осумстепена автоматска трансмисија која ги задвижува сите тркала.
Mercedes CLA
Уште пред да се појави, моќно најавуваната и желно очекуваната идна генерација на Mercedes CLA предизвика бура реакции бидејќи ќе има мотор произведен во Кина.
Тој до германската спортска лимузина ќе стигне како дел од соработката со Renault, кој веќе го има реорганизирано своето производство на агрегати со внатрешно согорување во заедничка компанија со Geely. За да се осигура дека сé ќе биде во ред Mercedes има учествувано во неговиот развој, така што на купувачите им останува само да бидат задоволни со неговите 250 коњски сили.
Покрај со овој агрегат, идната генерација на CLA треба да биде понудена и во плаг-ин и чисто електрична верзија, а во план секако се и AMG модели.
Mini Aceman
Од Кина ќе доаѓа и новиот електричен адут на Mini, кросоверскиот Aceman. Направен да го има сé она што е потребно за да наелектризира многу обожаватели, тој настапува како замена за Clubman. Предвидени се три различни погонски групи.
Основната изведба е со електромотор со 184 коњски сили, посилната располага со 218 а топ моделот John Cooper Works со 258 коњи. Во зависност од верзијата батериите ветуваат автономија меѓу 300 и 400 километри. Ќе напаѓа и со цените кои ќе стартуваат нешто над 30 илјади евра.
Mitsubishi Outlander
Mitsubishi се премисли – го враќа Outlander во Европа. Популарниот кросовер сега ќе доаѓа во своето плаг-ин издание, обновено со низа технички унапредувања и електрична автономија од 86 километри.
Купувачите ќе имаат можност наново да се запознаат и со неговите добри возни карактеристики на сите терени кои произлегуваат од напредниот погонски систем кој вклучува и управлива задна оска. Бензинскиот 2,4 литарскиот агрегат заедно со двата електромотора располага со вкупно 302 коњски сили, а за повисоко ниво на удобност ослонувањето е ревидирано.
Nissan Patrol
Додека во Европа не е јасно дали Nissan ја има подготвено новата Micra за претставување оваа година, Арапите веќе застанаа во ред за новата генерација на легендарниот Patrol. Како и досега гломазниот теренец и располага со цврста, практично неуништлива механика.
Моќниот 3,5 литарски твин-турбо V6 мотор своите 425 коњски сили ги испорачува на сите четири тркала преку деветстепена автоматика, а како алтернатива ќе се нуди и атмосферски 3,8 литарски агрегат со 316 коњи. Како што може да се очекува за еден ваков теренец дизајнот е одважен и во духот на своето наследство зрачи со непокорена моќ.
Opel Frontera
Реинкарнираната Frontera, која за разлика од порано, сега е субкомпактен кросовер ја дели механичката основа со неколку модели од групацијата Stellantis. Го зазема местото на остарениот Crossland, со фокус на електричниот погон и благите хибридни опции.
Германските дизајнери успешно го вметнаа своето стилско изразување во каросеријата долга 4,4 метри, правејќи ја доста слична на Mokka. Електрични верзии ќе има две, со батерии од 44 и 54 киловат-часа и електромотор со 113 односно 156 коњски сили. Избор ќе има и меѓу хибридите базирани на 1,2 литарски турбо мотор кој ќе биде достапен со 100 и 136 коњи.
Opel Grandland
Новитет на Opel годинава е и Grandland чија втора генерација донесува голем број луксузни карактеристики. Каросеријата сега му е подолга а внатрешноста во споредба со моделот во заминување значително поголема. Тоа го овозможи заедничката платформа со Peugeot 3008, која понуди и поголеми комбинации на погонски склопови.
Во електричните верзии кои располагаат со 213 коњи Grandland нуди избор помеѓу батерии од 73 или 82 киловат-часа. Хибриди ги има два, обичен со 136 и плаг-ин со 195 коњски сили кој само на струја може да помине 80-тина километри.
Opel Mokka
Редизајнираната верзија на Mokka треба да се појави на пазарот на пролет. Таа сега е засилена со електричен погон чиј електричен мотор од 156 КС ќе добива енергија од батерии од 54 kWh. Сосема е можно да добие и „послаба“ изведба со 113 електрични коњи.
Веќе е најевено дека понудата ќе ја сочинуваат и моделите со турбо-бензински 1,2 литрен трицилиндерски мотор и 48-волтен хибрид. Едната верзија ќе има 100 КС и шест-степен мануелен менувач, додека посилната од 136 коњи ќе доаѓа со исто толку степени на пренос, но со автоматска трансмисија.
Renault 4
Својата трансформација Renault ја продолжува со реинкарнацијата на легендарната четворка чие враќање е одбележано со електричен погон. Современиот нејзин наследник се одликува со бројни стилски и практични детали кои покажуваат колку идејата за наново создавање на овој модел беше јака.
Сместен според габаритите меѓу Clio и Captur, ќе се нуди со погонските агрегати располагаат со 120 или 150 коњски сили. Достапни ќе бидат две големини на батериите за кои во Renault ја проценуваат максималната автономија на 300 односно 400 километри.
Škoda Elroq
Škoda ќе ја започне годината со лансирањето на својот втор електричен модел, кросоверот Elroq. Димензиски е малку поголем од Karoq а внатрешноста балансира меѓу современото и традиционалното. Основната верзија која располага со 170 коњски сили ќе има батерии кои ќе обезбедуваат автономија од 375 километри.
Посилните изведби имаат моќност меѓу 204 и 299 коњски сили и батерии доволни за 560 километри пат. Она што е најзначајно е дека Elroq кој ќе се произведува во Чешка ќе биде со цената блиску до Karoq – околу 33.000 евра.
Smart #5
Smart некогаш беше мал но повеќе не е – најновиот модел со ознака 5 има димензии кои е невозможно да се поврзат со името на марката. Дизајнот кој ги следи веќе познатите стилски елементи е облагороден со панорамски покрив и врати без рамки,
додека деталните технички спецификации за Европа сé уште не се објавени. Познато е само дека архитектурата работи на 800 волти и дека батериите со капацитет од 100 киловат-часа со кои, според кинеските норми, ќе може да помине 740 километри.
Subaru Forester
Со претставувањето на новата генерација на Forester, Subaru продолжува да ја зацврстува својата позиција во Европа. Моделот кој некогаш порано беше клучен за имиџот на марката ќе доаѓа само како благ хибрид
со дволитарски боксер познат од порано, но ослабен на само 136 коњи заради еколошките норми. Затоа пак погонот на сите четири тркала е стандарден, а предност му даваат и нешто поголемите димензии.
Suzuki e-Vitara
Конечно и Suzuki ќе понуди електричен модел – го носи името e-Vitara и во Европа ќе доаѓа од Индија.
Најавени се две верзии, првата е со капацитет на батериите од 49 киловат-часа и 144 коњски сили додека посилната има батерии од 61 киловат-часа и 174 коњи кои ќе бидат достапни и со погон на сите тркала.
TOGG T10X и T10F
Иако потенок од ланската година, списокот новитети кои треба да ги очекуваме оваа 2025-та не завршува со ова. Меѓу неспоменатите ќе биде и турскиот TOGG чии планови за Европа веќе се дефинирани, но дали ќе се остварат ќе зависи од побарувачката на домашниот пазар која сé уште е голема.
Ако се случи продорот ќе го предводи кросоверот T10X кој засега е единствен модел во нивното портфолио. Шансите да му се придружи и спортската купе лимузина T10F се мали, но сепак постојат.
Toyota Urban Cruiser
Со оглед на долго годишното партнерството со Suzuki, не е изненадување што во исто време Јапонците во Европа ќе го лансираат и Urban Cruiser.
Освен амблемот на марката разлики меѓу e-Vitara и Urban Cruiser скоро и да нема, а дали и цените ќе им бидат исти останува да видиме. Како новитет од Toyota може да се смета и тоа што кросоверот bZ4X наскоро би можел да добие нормално име.
Volkswagen Tayron
Volkswagen кој до лани ја заокружи својата електрична програма, годинава има тенки планови за лансирање на нови модели. Од оние со класични мотори на пазарот очекува новиот Tayron кој како сеопфатен кросовер со седум седишта се сместува меѓу Tiguan и Touareg.
Софистициран во изгледот и исклучително простран, располага со иновативни моторни технологии меѓу кои и плаг-ин хибриден погон со електрична автономија од преку 100 километри. Понудата вкупно ќе опфаќа седум погонски системи вклучувајќи и дизели, со моќност во распон од 150 и 272 коњски сили. Цената му изнесува околу 45 илјади евра.
Volkswagen ID.2
Доаѓајќи време да отвора ново поглавје во електрификацијата на својата гама, Volkswagen ќе ја претстави сериската верзија на ID.2 чија главна карактеристика е цената под 25 илјади евра.
Планирајќи со него марката да се врати кон своите народни корени, тој ќе има каросеријата со димензии на Polo и внатрешност како во Golf. Батериите кои ќе бидат од сопствено производство треба да обезбедат автономија од околу 450 километри, а заедно со сестринските модели на Škoda и Cupra ќе излегува од погоните на групата во Шпанија.
Volvo XC90
Иако длабоко е посветен на електрификацијата, Volvo сé уште не се откажува од класичните мотори и го обнови големиот XC90. Од дизајнерска гледна точка се забележуваат новата маска и нешто изменетите светла, додека задниот дел го задржа препознатливиот стил.
Промените во внатрешноста се повидливи но и тие не се толку големи за да им се придаде посебно внимание. Инженерите имаат работено на подобрување на удобноста, а погонските групи се задржани скоро непроменети. Меѓу нив повеќе нема дизели кои од производство беа исфрлени лани.
Xpeng G6
Во поглед на цената од четириесет и три-четири илјади евра далеку поприфатлив е купе-кросоверот G6 кој е третиот модел во Европа на компанијата XPeng. На располагање се две верзии, со еден електромотор со 258 коњски сили и погон на задните тркала и
помоќната со два електромотора со максимални 476 коњи. Перформансите му се согласност наведените бројки, а благо футуристичкиот изглед ќе биде привлечен за широк број купувачи.