Nissan – Qashqai III

Вести Занимливости

Модернизиран пионер

Ново поглавје за Qashqai

објавено 16.ноември 2020

Кога се појави на пазарот во 2007. Qashqai немаше со кого да се спореди. Едноставно не постоеше таков тип на возило. Тринаесет години подоцна класата која ја оснива е преполнета со конкуренти, од луксузните до кинеските. Сосема очекувано Nissan ќе ја лансира третата генерација на Qashqai следната година.

Тоа ќе биде првиот модел во Европа што ќе ја користи новата платформа CMF-C од алијансата со Renault и Mitsubishi. Како дел од стратегијата за електрификација, новиот Qashqai ќе се нуди со две опции на погон. Основата ја дава 1,3-литарски бензински мотор кој ќе се нуди со две електрични подршки и две нивоа на моќност. Првата е во спрега со 12V благ хибрид, додека Qashqai e-Power е плаг-ин хибрид со продолжувач на опсег. Исто така модернизирана е конективноста со напредниот систем за помош на возачот Pro Pilot, кој, меѓу другото, може да го забрза и сопира автомобилот со одредена брзина во рамките на лентата на автопатот. Системот за навигација автоматски ја прилагодува брзината на применливите ограничувања на брзината и автоматски ја намалува брзината на возење пред особено тесните свиоци или излези. Како што се гледа новата генерација Qashqai е во завршна фаза на тестирање. Утврдената динамика укажува дека следната година, и тоа во првата половина, може да бидеме сведоци на комерцијалното лансирање.