Третата генерација на Juke е уште повпечатлива отколку што можеше да се претпостави
Nissan Juke секогаш се издвојувал од останатите конкуренти со уникатен дизајн и покрај тоа што конкуренцијата во неговиот сегмент постојано се зголемува.
Како добра најава послужија неколкуте фотографии на надворешниот изглед додека интериерот останува под велот на тајната. Juke сега изгледа различно од кој било друг модел што го продава Nissan.
Во дизајнот доминираат остри линии, почнувајќи од предницата каде највпечатливи се големата затемнета маска и интригантните фарови. Светлата зелена боја помага да се истакне профилот на Juke, додека во црно офарбаните детали го интензивираат впечатокот.
Како и кај претходниот Juke, рачките за задните врати остануваат на C-столбовите. Новиот Juke е најавен исклучиво како електрично возило и ќе се произведува во Сандерленд, заедно со Leaf.
Базиран е на платформата CMF-EV или AmpR Medium што ја користат Renault Scenic E-Tech, Alpine A390 и Nissan Ariya. Иако не се приложени никакви технички спецификации, нормално е да се претпостави дека батериите ќе бидат како кај Nissan Leaf. Тие се со два капацитети, од 52 kWh и 75 kWh.
И покрај првичното планирање да се замени стариот модел со овој нов, верзиите од втората и третата генерација ќе се продаваат една покрај друга. Се подразбира дека Nissan ќе го ажурира дизајнот на актуелниот модел за да го приближи на новиот електричен автомобил. Глобалното лансирање е закажано за следната пролет.


