Nissan, Honda и Mitsubishi потпишаа меморандум за разбирање. Дали е ова сламка за спас на Nissan или е почеток на третата по големина групација за производство на возила?
Во некој момент секој треба да се погледне во огледало и да се запраша до каде стигнал, но на Јапонците како да им го сокриле огледалото. – Nissan повторно се најде во длабоки проблеми. Ама сега за разлика од порано го нема волшебното стапче и маѓесникот Карлос Гон да ги избави од маките.
Така после драматичните изјави дека им останува само една година живот, седнаа на маса со Honda можеби и под притисок на јапонската влада и се договорија рака под рака да чекорат во неизвесната иднина. Вестите за можно спојување се демантирани – засега само ќе се основа заедничка компанија која треба да го извади врелиот костен од оган. Јапонците сега ја најдоа формулата за која сметаат дека ќе донесе резултати на кои сепак ќе се почека некое време бидејќи преговорите нема така брзо да завршат.
Доколку на крај сепак дојде до спојување на компаниите ќе биде создаден третиот по големина светски производител на возила, после Toyota и Volkswagen. Во целата оваа приказна се вмеша и тајванскиот електронски гигант Foxconn кој со откуп на акции од Nissan виде шанса за зголемување на пласманот на своите производи во автомобилската индустрија.