Од Арктик до Антарктик на струја, 30.000 километри за десет месеци
За инает на сите скептици, Nissan со електричната Ariya успеа да помине 30 илјади километри од северниот до јужниот пол. Некој ќе каже пешки да одеа побрзо ќе стигнеа и ќе биде во право бидејќи патувањето траеше скоро десет месеци.
Но на голем дел од рутата каде брачниот пар Крис и Џули Ремзи од Велика Британија поминаа нема ниту патишта, а камо ли полначи за електрични возила. Затоа од суштинска помош беа соларниот полнач и приколката со турбина кои студените сончеви зраци и поларниот ветер ги претвораа во струја која тие ја користеа и за греење. Секако, возилото за оваа авантура беше посебно подготвено под експертиза на стручњаците за поларна мобилност од студиото Arctic Trucks.
Каросеријата му е повеќе подигната од тлото, пневматиците се специјални за сетеренско возење а внатрешноста доопремена со сé што треба. Но затоа погонскиот склоп остана ист како кај серискиот модел, со два електромотора и пакет батерии доволни за 460 километри. За секој случај, со нив патуваше и придружно возило.
За комплексноста на овој потфат кажува и тоа дека подготовките траеја цели четири години, најмногу потрошени за планирање на рутата која низ 14 држави водеше долж западниот брег на двете Америки.


