Nio и Geely ги здружуваат силите за мрежа станици за замена на празните батерии со полни.
Двајца силни кинески играчи на електричната сцена се договорија заеднички да работат на стандардите, технологиите и развојот на моделите што ќе го користат овој систем. Nio кој од самото свое основање заговара ваква политика веќе има потпишано сличен договор со Changan кој е четврти по големина кинески производител на возила.
За разлика од него Geely е активен на глобалната сцена и под неговата капа се повеќе светски познати имиња како што се Volvo и Lotus, како и Smart кој е заеднички со Mercedes. Nio кој во моментов располага со преку 2.200 станици во Кина интензивно работи на нивно поставување на пазарите кон кои гравитира, пред сé во Европа.
Geely пак има план за изградба на 5.000 вакви станици. Овој систем им овозможува на возачите брза и целосно автоматска замена на празните батерии без да трошат време за нивно полнење. Негова предност е и намалувањето на оптоварувањето на електричната мрежа бидејќи батериите ќе се полнат во периодите на денот кога потрошувачката на струја е помала и нејзината цена е пониска. Идејата за замена на батериите место нивно полнење воопшто не е нова.
Renault ја промовираше уште во 2012-тата но проектот бргу беше згаснат. Сега на неа работи Stellantis кој воспостави стратешко партнерство со американската компанија Ample. Планирано е програмата да стартува идната година од Шпанија со специјално подготвена флота од 100 возила Fiat 500e наменети за Free2move кар-шеринг сервисот за делење на автомобилите.