Премиум кинескиот производител ја засилува својата понуда на Стариот континент со караван и кросовер
Плановите кои ги најави лани во Берлин, кинескиот Nio ги проширува со уште два модели. На веќе понудените лимузини и спортско корисно возило ET7, EL7 и ET5, им се придружуваат караванската изведба на ЕТ5 и кросоверот со средни димензии EL6 и ќе ги предизвика оние како Mercedes EQC.
Со димензии од 4.854 мм во должина и 1.995 мм ширина, тој е за 80 мм подолг и 105 мм поширок од EQC. Друга предност на новата платформа е понапредната технологија. EL6 нуди heads-up дисплеј, интелигентни адаптивни фарови и многу други безбедносни карактеристики.
Користи 33 сензорни единици кои работат на хардверот ADAM Super Computing на Nio. И покрај големината, и за разлика од претходникот, новиот модел се базира на истата платформа како и седанот ET5.
Тоа значи дека EL6 е достапен со преден индукциски мотор 150 kW и заден магнетен мотор од 210 kW, кои се комбинираат за да испумпуваат 360 kW и 700 Nm вртежен момент. Тоа е доволно за забрзување од 0 до 100 км/ч за само 4,5 секунди. Опремен со батерија од 70 kWh, Nio EL6 има досег до 483 km.
Истата платформа ја користи караванот ЕТ5 Touring кој е рафинат на темпераментната лимузина со истата ознака. Достапен со батерии од 75 kWh или 100 kWh, ET5 Touring има автономија од 435 км до 560 км со едно полнење. Подигнатиот покрив нуди 450 литри простор во багажникот зад задните седишта и дополнителни 42 литри складиште под подот. Со преклопени задни седишта, ET5 Touring може да складира од 1.300 литри со целосно рамен простор за товарење, што е за околу 342 литри помалку од VW Golf Variant.
И покрај зголемувањето на габаритите, ET5 Touring има совршена распределба на тежината од 50:50. Тоа му овозможува забрзување од стоење до 100 км/ч за само четири секунди. Nio се држи до својата тактика за влез на европскиот пазар. Како и претходните три модели, двата новитети ќе ги нуди само во Норвешка, Германија, Холандија, Данска и Шведска. Цените не се познати.
Тие ќе бидат објавени пред комерцијализацијата. Со својата услуга за замена на батериите наместо полнење, NIO изгради 20 станици за размена на електрична енергија (Power Swap Stations) во Европа, додека годинава оваа бројка се очекува да достигне 120. Менувањето на батериите во возилата трае само пет минути.
До 2025 година, NIO има за цел да изгради 1.000 PSS надвор од Кина, од кои повеќето ќе бидат во Европа. Основачот, претседател и извршен директор на NIO, Вилијам Ли, кого го сметаат за пророк на кинеската индустрија за електрични автомобили, смета дека нудењето на единствено корисничко искуство во повеќе земји низ светот е клуч за успехот на БЕВ.
Тој смета дека услугите за полнење и замена на батерии ја менуваат играта и заедно со иновативните и флексибилни модели за претплата, ќе го променат пејзажот на електричните возила.


