Недостаток на гума

Занимливости Поглед во иднината

Дали на повидок е нов удар?

По индустријата на процесори и чипови, сега и производителите на пневматици стравуваат од рецесија

објавено 24. април 2021

Светот очигледно уште долго ќе ги чувствува последиците на пандемијата, директни и индиректни. После недостатокот на чипови кои сериозно го загрозија производството, автомобилската индустрија се соочува со уште еден проблем. За него засега се молчи, но нема да помине многу време кога ќе исплива на површината.

Се работи за нарушеното снабдување со пневматици за прво вградување, за што како причина се наведува недостатокот на гума. До него дојде од една страна заради намаленото производство, а од друга заради поголемата потрошувачка за ракавици, заштитна амбалажа и слични поитни работи отколку автомобилските пневматици. Проблемот дополнително го зголемија оние компании кои на време го согледаа и создадоа залихи од пневматиците што им требат за производство, или пак се обезбедија со поцврсти договори со гумарската индустрија за нивно редовно снабдување. Сето ова придонесе и за нагло зголемување на цената на суровината, која достигна четиригодишен рекорд.

Аналитичарите се песимисти дека нешто може да се смени на подобро, наведувајќи дека ќе требаат најмалку пет години да се избалансира сегашното нарушување на пазарот. Тие ова свое тврдење го базираат и на потребите на возачите за замена на дотраените пневматици, кои засега не се соочуваат со нивни недостаток во продажната мрежа. Слични па дури и подолги термини се споменуваат и за надминување на кризата со чиповите, за која решение се гледа во нови производствени и развојни капацитети во Европа и Америка.