Класика со скриен модернизам
Morgan е еден од најинтересните производители во светот. Со своите автомобили со класичен изглед оваа мала британска компанија сé уште успева да се спротивстави на времињата во кои живееме. Затоа вест за насловните страници е дека е подготвено освежување за моделите Plus Four и Plus Six. А верувале или не најголемата новост е дека тие сега се опремени со воздушни перници за возачот и совозачот.
Внимателно балансирајќи меѓу модерното и класичното додаден е и систем за контрола на стабилноста, а опционално може да се добијат и држачи за чаши. Декорот на арматурната табла е нов и возачот доби поголем екран со дигитален брзиномер и неколку клучни податоци за возењето. Аналогните инструменти сепак се задржани и Morgan сигурно уште долго нема да ги испрати во пензија.
Од механичка страна двата модела добија модификувано ослонување кое ќе обезбеди поголема стабилност при брзо возење. Агрегатите од BMW останаа исти – четирицилиндричниот е дволитарски со 255 коњски сили, а шестцилиндричниот трилитарски со 340. Цените во Велика Британија стартуваат од нешто над 70 илјади фунти.


