Претстојниот Renault5 ќе може да ја споделува струјата од батериите со домаќинства
Огранокот на Renault за електрични возила Mobilize полека ја подгрева атмосферата за лансирањето на електричниот наследник на легендарната „петка“ која ќе се појави кај купувачите следната година.
Производителот е претпазлив со споделувањето на техничките карактеристики, но кога беше претставен прототипот пред две години се кажа дека има електричен мотор од 99 kW и како основа се користи платформата CMF-B-EV, која треба да овозможи домет од 400 километри.
Mobilize сега информира дека Renault 5 E-Tech доаѓа со технологија за двонасочно полнење за која е развиена сосема нова архитектура. На тој начин R5 станува извор на енергија. Пред воведувањето на таканаречената V2G (vehicle-to-grid) технологија, направени се реални тестирања во Португалија и Холандија.
Можноста за внесување електрична енергија од автомобилот во мрежата е овозможен преку полнач кој е специјално развиен за оваа намена. Сега струјата може да се внесува во струјното коло преку двонасочна ѕидна кутија со наизменична струја и примената е можна исклучиво за моделите на Renault.
Корисникот може да одреди колку електрична енергија може да се испорача до претходно дефиниран временски момент и колку енергија може да се складира во автомобилот. Првично, само Renault 5 E-Tech ќе биде достапен со оваа технологија. Во иднина со V2G ќе биде опремен Mégane и другите претстојни модели на куќата.


