Кросовер со глобални амбиции
Од Mitsubishi пристигна изненадување, претставен е концепт на кросовер со амбиции да се пласира глобално. Ознака XFC од таборот на Mitsubishi не ја елаборираа па оставија да се разигра имагинацијата и да се шпекулира што стои зад неа.
Првата претпоставка е дека Х означува погон на сите тркала додека останатите две букви, F и C, би можеле да бидат кратенка за горивни ќелии (Fuel Cells). До неговото финално издание има уште малку време, а тогаш ќе дознаеме што се крие зад ознаката. Затоа пак далеку источната марка не крие дека концептот е замислен како пријател за возбудлив живот. Затоа како велат Јапонците има високо ниво на практичност, едноставно се ракува со него и поседува добри возни својства за нерамни терени.
Импозантниот изглед е во согласност со нивната дизајнерска филозофија со модерно груби, но сепак елегантни површини кои чинат една целина. Предниот дел со својата Dynamic Shield маска е препознатлив, светлата малку наликуваат на комбинација од конкурентските модели а задниот дел е скоро спортски. Истакнатите бочни страни со профилирани површини ги изразуваат силата, динамиката и робусноста.
И покрај компактните димензии во внатрешноста има доста простор. Визуелно е облагородена со хоризонтални дизајнерски елементи, а меките облоги на седиштата и вратите на патниците им даваат чувство на заштитеност. Од Mitsubishi ништо немаат објавено за техничките детали освен дека производствениот модел набргу ќе биде електрифициран, после што ќе биде понуден на глобално ниво. Стартот на продажбата ќе му биде идната година во земјите од Југоисточна Азија, каде и ќе се произведува.