Увозникот на Ford и Hyundai, Ми-Да Гранд Моторс се подготвува да го промовира новиот бренд во своето портфолио. Тоа е марка позната на љубителите на спортски автомобили што доаѓаа од Англија. Малосерискиот производител не се снајде на пазарот па беше купен од кинескиот гигант SAIC Motor.
Седиштето остана на островот и под големото име почнаа да се лансираат нови производи кои немаат многу врска со спортските двоседи што порано го носеа беџот MG. Потполно трансформираната марка сега е свртена кон иднината и електрификацијата. Во своето портфолио има кросовери со конвенционален, хибриден и потполно електричен погон.
Дебито на македонскиот пазар ќе се случи во престојниот месец, а за почеток ќе се понудат два кросовери со бензински мотори и приклучни хибриди. Она што го видовме на лице место уверува дека има добра перспектива за новитетите. Изработката и опременоста се на добро ниво, изгледот е современ, а најголемата предност се пристапните цени кои започнуваат од 19.400 до 24.000 евра за компактниот ZS.
Поголемиот модел ЕНЅ има приклучен хибрид и богата опременост па затоа и цената е оправдано повисока. Управителот на Ми-Да Гранд Моторс, Дритон Заири, не го крие оптимизмот бидејќи, како што вели, покрај атрактивниот изглед и несебична опременост возилата на Morris Garages ќе се продаваат со седум годишна гаранција или изминати 150.000 километри. Во перспектива е да се понудат и потполно електричните модели, но тоа ќе биде во втората фаза на работењето.



