Ако нема леб, тогаш ни остануваат игрите
објавено на 18 февруари 2022
Да беше ситуацијата нормална, никој немаше да забележи дека Mercedes повеќе не прима нарачки за Е-класата, посебно не затоа што веста се однесува само за Германија, иако веруваме дека е ист случај и со другите пазари. Спротивно на она што ќе ни падне прво на ум, причината не е пандемискиот недостаток на чипови туку завршувањето на производството на актуелниот модел кое во очекување на неговиот фејслифтинг е закажано за 23 март. Дотогаш сето расположливо производство е веќе резервирано, а за она после него сé уште е рано да се зборува. Ако е за утеха, ова се однесува само за лимузинската верзија, бидејќи караванот и понатаму ќе остане во производство до средината на 2023 година.
За обновената Е-класа многу малку се знае. Јавноста ќе ја види при крајот на годината, а во продажба ќе се најде на почетокот на идната. Логично е да се очекува според изгледот да биде доближена до актуелниот дизајнерски израз на марката, што всушност значи дека ќе доживее само минорни корекции. Истото важи и за погонските единици – она што не е хибридизирано ќе биде, а нешто сосема ново не се очекува. Сепак, да не прејудицираме многу и да се стрпиме уште некое време.


