Mercedes ја отвори првата постројка во Европа за рециклирање на батерии на електричните возила. Во неа се користи единствена технологија која комбинира механички и хидрометалуршки процеси и материјалите се разградуваат со помош на вода.
На тој начин литиумот, никелот, кобалтот и другите материјали низ неколку фази се одвојуваат едни од други, при што степенот на рециклирање надминува 96 отсто. Материјалите потоа без претходна обработка можат да се користат за производство на нови батерии. Методот што го има избрано Mercedes за нивно раздвојување е доста помалку интензивен од другите во поглед на потрошувачката на енергија и создавањето отпад.
Тоа е постигнато со ниски работни температури кои достигнуваат само до 80 степени, за разлика од пирометалуршкиот процес каде се искачуваат и до 1.600 степени. Постројката има капацитет за рециклирање на 2.500 тони годишно од кои ќе се добијат доволно материјали за производство на батерии за 50 илјади електрични возила.