Запознајте го!
Во пресрет на светската автомобилска олимпијада, во Париз блесна новата ѕвезда на Mercedes
Објавено на 1 октомври 2018 година
Пред 21 година го основа европското премиум-SUV семејство, а сега зачекори во својата четврта генерација. Дами и господа, од Mercedes учтиво ни порачаа дека е време да го запознаеме новиот GLE. Неговата ѕвезда вечерва блеска под париското небо осветлувајќи го патот по кој ќе продолжи да ја нервира конкуренцијата која никако не може да го стигне. Продажбата веќе не му е како порано, што беше мотив повеќе Германците да направат подобар производ. Задоволството од сработеното не го криеја – повеќе од 400 поканети гости беа сведоци на тоа во хотелот Молитор. Јасно го нарекоа трендсетер, кој како и претходните негови генерации ќе го задвижи сегментот во нови насоки.
Тоа нема да му биде тешко бидејќи овој доста популарен модел на сите меридијани сега има коефициент на отпор на воздухот од најдобри во класата 0,29. Нуди и нов нова оперативна функционалност во внатрешноста, исполнета со иновативни системи за помош при возењето. Нови се и моторите кои на почеток ќе ги нема многу. Всушност ќе биде само еден, кој под ознаката GLE 450 4Matic ќе нуди 367 KS и 500 Nm хибридно со интегриран стартер-генератор краткотрајно дополнети со уште 22 KS и 250 Nm. Иднината ќе донесе вистинска хибридна верзија, како и други помоќни мотори. Во врска со дизелите Mercedes се претпазливи со изјавите, но сигурно ќе ги има.
Преполн со иновации, новиот ГЛЕ ќе започне да ги освојува купувачите на почетокот на идната година. Како и досега, ќе се произведува во САД.