Петти модел во EQ гамата на Mercedes
После толку многу успех со својата обемна гама спортско корисни возила, сосема логично беше Mercedes да продолжи со истото темпо меѓу електричните модели. Најновиот петти во гамата EQE SUV како што ознаката му кажува беше претставен во Париз, но не на салонот на автомобилите туку во музејот Родин. Пандан е на истоимената лимузина и ја има истата флексибилна архитектура која се среќава и кај за број поголемиот EQS. Има меѓуоскино растојание од малку над три метри, а должината е задржана на 4,86 метри. Ваквите пропорции им овозможија на дизајнерите типично кросоверско изразување со висока линија на хаубата, елегантна силуета и малку безличен заден дел. Маската е заменета со црн панел а пренагласените странични отвори за воздух во браникот гои прават непотребно агресивен.

Новитетот ќе биде достапен во истите варијации како и лимузината – со еден или два електромотора со моќност меѓу 386 и 516 коњски сили, а за ултимативните се подготвени и две AMG верзии со моќни 638 и 921 коњска сила. Во подот се сместени батерии со капацитет од 90,6 киловат-часа, за кои Mercedes вели дека ќе издржат до 550 километри. Ќе можат да се полнат со моќност од 170 киловати, што значи дека за 32 минути ќе стигнат од 10 до 80% од капацитетот. Кабината е доста слична како кај седанот, но се разбира далеку покомфорна. За тоа заслуга имаат и подобрите седишта на кои се седи поисправено, а задоволни со просторот ќе бидат и патниците назад. На удобноста никој нема да се пожали посебно кај AMG изведбите кои имаат воздушно ослонување и систем за управување кој делува и на задните тркала.

Mercedes уште нема излезено со цените но тешко е да се верува дека ќе бидат под 80.000 евра. Први на почетокот на идната година ќе му се радуваат купувачите во Америка, каде и ќе се произведува.


