Експерименталниот C 111 направен е во вкупно 17 примероци од кои преживеаја 13.
Музејот на Mercedes во соработка со аукциската куќа Sotheby’s подготвува интересна аукција. На продажба ќе биде понуден редок прототип на експерименталниот C 111.
За овој фасцинантен модел претставен на салонот на автомобилите во Франкфурт во 1969-та година никогаш немаше планови за производство – беше наменет само за демонстрација на дизајнот и техничките можности на компанијата.
Карактеристичната клинеста силуета и ниската каросерија со врати кои се отвораат нанагоре импресионираат и денес. Техниката со која се опремуваше е различна. Првата серија имаше ванкел мотор со три ротори и вкупно 280 коњски сили. Тој во втората серија најпрво беше заменет со агрегат со четири ротори со 350 коњи подготвуван за идната S-класа, а потоа и со трилитарски дизел со пет цилиндри и 190 коњски сили.
Се појави и негова аеродинамички унапредена верзија со 230 коњи а четвртата и последна серија имаше 4,5 литарски турбо бензински мотор со рамно 500 коњски сили. Примерокот што се продава е од втората серија. Тежи само 1.240 килограми и забрзува до 100 километри на час за 4,8 секунди.
За време на својот животен век е користен за различни испитувања и има поминато нешто помалку од 25 илјади километри. Реставриран е пред две години, а парите добиени од неговата продажба ќе бидат искористени на фабричкиот музеј. Аукцијата ќе се одржи во февруари во Лувр, а очекуваната цена е 25 милиони евра.
За да се зачува ексклузивноста Mercedes се обврза дека во наредните 25 години нема да понуди на продажба друг примерок од C 111.



