Побрз од самиот себе
McLaren го покажа својот прв хиперавтомобил
Објавено на 30 октомври 2018 година
Најавуван со месеци, првиот хиперавтомобил на McLaren започна да пишува ново поглавје во историјата на марката. Името Speedtail доволно кажува за него, но бројката од 403 km/h уште повеќе. За оваа ѕверска максимална брзина заслужен е хибридниот погон со комбинирани 1.050 KS, извлечени со помош на технологија од формула 1. Целиот автомобил всушност е болид наменет за патиштата, но дали навистина ќе може да се вози на нив зависи од законската регулатива на секоја држава поединечно. Имено, инженерите на McLaren толку се имаат внесено во задачата максимално да извлечат сé што се може од тркачкото искуство на марката што чести се решенијата што се на самиот раб на легалноста. Сепак оној што за овој хиперавтомобил ќе плати 1,75 милиони фунти без давачки тешко дека ќе го вози во отворен сообраќај. Тој ќе сака со полна сила да го почувствува забрзувањето до 300 километри на час за 12,8 секунди, што е подобро од она на ненадминатиот Bugatti Chiron.
Многу технички податоци за неговиот предизвикувач од Островот не се објавени. Целосно е направен од композитни материјали и обликуван максимално да се минимизира отпорот на воздухот. Затоа место ретровизори има камери што се извлекуваат од крилата. Од истата причина и предните тркала му се покриени. Во подобрувањето на аеродинамиката активна улога има и целиот заден дел. Во кабината има три седишта. Она за возачот ќе биде направено по негова мерка, а задните две се интегрирани со монокок шасијата направена од композитни материјали со нова технологија која вклучува употреба на титаниум. Преслечени се со специјална кожа која овозможува лесно да се лизне во нив при седнување, но која сепак го држи телото на своето место во возење. Контролите се како во спејс-шатл, со бројни дисплеи и без ниту едно копче или прекинувач. Постои специјален брзински режим при кој возилото се спушта за 35 милиметри, а моторот, шасијата и каросеријата подготвуваат за екстремни брзини.
McLaren ќе произведе 106 примероци од Speedtail. Првите ќе бидат испорачани во 2020 година. Овој хиперавтомобил е еден од 18-те нови најавени модели до 2025 година во чиј развој McLaren ќе инвестира 1,2 милијарди фунти. Планирано е сите да бидат хибридни.