Mazda – нова платформа за електрификација

Поглед во иднината

Mazda ја потковува електрификацијата

Во Хирошима забрзано се работи на исполнување на само зададениот план

објавено 28. јуни 2021

До 2030 година една четвртина од сите возила на Mazda треба да имаат целосно електричен погон и сите други модели треба да бидат делумно електрифицирани. За таа цел, Јапонците сакаат да воведат голем број нови возила засновани на таканаречената Skyactiv Multi-Solution Scalable Architecture помеѓу 2022 и 2025 година. Планот вклучува пет хибридни модели во кои се вбројуваат и  оние што ќе го користат хибридниот систем на Toyota, потоа пет plug-in хибриди и три електрични модели со батерии.

Mazda развива своја платформа за целосно електрични возила што ќе служат како основа за различни големини и форми на каросерија помеѓу 2025 и 2030 година. Централната цел на Mazda на патот кон климатската неутралност останува намалувањето на емисиите на СО2 за секое возило. Покрај електрификацијата, Јапонците продолжуваат да развиваат и ефикасни мотори на внатрешно согорување како што е e-Skyactiv X, но и нови  редни шест цилиндерски бензински и дизел мотори. Компанијата исто така промовира развој и употреба на обновливи горива. Mazda е вклучена во неколку заеднички истражувачки проекти и студии од индустријата, науката и властите во Јапонија кои промовираат ширење на биогорива направени од микро алги. Во Европа, Mazda стана првиот производител на автомобили што се приклучи на алијансата за eFuel во февруари оваа година.