Maserati – GranCabrio Folgore

Впечатлив дизајн, три мотори, 829 коњи, мамутски вртежен момент и 420 километри автономија.

Требаше да помине само нешто повеќе од еден месец Maserati да ја промовира Folgore, електричната верзија на GranCabrio. Додека донаторот испод хаубата има три литарски твин-турбо V6 Nettuno мотор со 550 коњи и 650 Nm, електричната верзија „пука“ од сила и вртежен момент. За оние што моќта во автомобилот им е најважна ќе бидат воодушевени од она што го нуди тризабецот од Модена.

Наоружан е со три електро мотори, еден на предната и два на задната оска. Ваквата поставеност овозможува погон на сите тркала, векторирање на вртежниот момент на задните тркала и комбинирана максимална моќност од 610 kW или 829 КС. Folgore испорачува повеќе од двојно вртежен момент во однос на GranCabrio, дури 1.350 Nm. Благодарение на импресивната моќност, забрзува од 0-100 км/ч за 2,8 секунди и достигнува максимална брзина од 290 км/ч.

Уште поважно за електричен супер автомобил, се најавува автономија според WLTP помеѓу 419 и 447 км. Перфромансите ги храни пакетот батерии од 92,5 kWh. Кога ќе дојде време за полнење, на располагање е способноста за брзо полнење од 270 kW што му овозможува на автомобилот да добие „храна“ за 100 км досег за само пет минути. Ако не брзате, батеријата може да се полни од 20-80% за само 18 минути. На располагање се четири различни режими на возење познати како GT, Sport, Corsa и Max Range. Corsa е најекстремна и ја ослободува целосната моќност на електромоторите.

Дизајнот е аеродинамички оптимизиран со нов преден браник и ревидирана решетка. Маркантен е мекиот покрив кој може да се спушти за 14 секунди при брзина до 50 км/ч. Покривот е достапен во пет бои, а клиентите ќе можат да нарачаат опционален дефлектор за да се минимизира ударот од ветер. Кабината се одликува со чувство на висока технологија благодарение на 12,2 инчна дигитална инструмент табла, 12,3 инчен инфозабавен систем и 8,8 инчен дисплеј за дневни контроли.

Интериерот е многу приспособлив и може да биде опремен со одржливи материјали како што е Econyl. Тоа е „регенериран најлон“, материјал кој е направен од рециклирани рибарски мрежи и итисони. И сега доаѓаме до еден куриозитет. Дознавме дека Maserati GranCabrio Folgore во Македонија ќе чини 209.000 евра. Тоа се многу пари, но поради ослободувањето на електричните возила од данокот за моторни возила,  GranCabrio Folgore ќе биде поевтин од GranCabrio Trofeo за повеќе од 69.000 евра.

Доколку се земе во предвид и дека GranCabrio Folgore испорачува 278 коњи и 700 Nm повеќе од GranCabrio Trofeo тоа е „бомбона бизнис“. Каде и како ќе ги полните батериите, тоа е друго прашање.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER