Македонска премиера – Volkswagen ID.4

Македонија насловна

Се засилува гамата

Во понудата на Порше Македонија пристигна светскиот автомобил на годината

објавено 11. август 2021

Електрификацијата зема сé поголем замав на домашната сцена. Во оваа игра лидер е Порше Македонија под чиј покрив се случи третата годинешна премиера на потполно електрично возило. Мразот го проби VW ID.3, летото го најави Porsche Tycan, а сега на сцена стапи првиот електричен кросовер на VW, ID.4 импресионира со својата сеопфатност и ефикасниот електричен погон.

Батеријата има капацитет до 77 kWh, со што се овозможува максимален досег од 520 километри според WLTP. Електричниот мотор, кој е позициониран на задната оска, генерира максимални 204 КС со што забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 8.5 секунди, а максималната брзина е 160 км/ч. Благодарение на погонот на задните тркала и растојанието од земјата за цели 21 сантиметар, ID.4 добро се справува и со off-road предизвиците.

За такво доживување наменета е GTX верзијата со погон на 4 тркала, поголема моќност и уште поимпресивни перформанси. Со должина од 4.58 метри и MEB архитектура, ID.4 овозможува максимален простор во корист на патниците. Просторноста во внатрешниот дел е на ниво на повисоките класи на спортско-корисни возила. Боите и материјалите се пријатни и создаваат чувство како да сте дома.

Во зависност од позицијата на задните седишта, багажниот простор има капацитет од 543 до 1.575 литри со спуштени седишта. Со ID. моделите, Volkswagen ја лансира програмата за полнење на електрични возила We Charge. Со ова решение, ID.4 може да се наполни дома или на долгите патувања на брз DC полнач за околу 30-ина минути. Засега оваа програма е достапна во пазарите на Европската Унија, но наскоро се очекува да се имплементира и во нашата држава.

Сите наведени аргументи беа доволни ID.4 да собере најмногу гласови во изборот на „Светски Автомобил на Годината 2021“. Во зависност од изведбата, а кај ID.4 ги има со сила од 150, 170 и 204 КС, се продава по цена од 41.600 до 55.200 евра.