На крајот на годинава Junior пристигна кај нас, точно како што беше најавено
Најмалиот член на семејството Alfa Romeo Junior, помал од Tonale, е нешто посебно.
Иако ја користи истата платформа како Jeep Avenger и Fiat 600, Alfa Romeo Junior зазема далеку поспортски став и силно се разликува од останатите роднини од групацијата Stellantis. Импортерот, Аутомобиле СК, во својот изложбен салон ни ги презентираше изведбите Ibrida и Speciale кои ги движи благ хибриден систем сочинет од 1,2 литарски турбо-бензински мотор.
Неговите 136 коњи се добиваат со помош на благ 48 волтен хибрид со електричен мотор интегриран во шестстепен автоматски менувач со двојна спојка од кого се добиваат 28 КС. Кога ќе се види во живо, Junior веднаш побудува чувства. Новиот дизајнерски стил на миланезите Biscione, тоа е името на божествената змија, историски симбол на градот Милано, која е дел од грбот на Alfa Romeo, оддава не само визуелна атрактивност туку и естетика која се карактеризира со сложени форми и смели детали.
Маркантниот преден дел има прилично нападен изглед поради издолжените матрични LED светла кои се меѓусебно поврзани со тенки доводи преку темни облоги. И Италијаните не би биле тоа што се доколку не обврнуваа внимание на деталите. Тоа најдобро се гледа на предната маска на Junior.
Во избедбата Ibrida таа има ретро изглед со испишано име на марката, појава типична за моделите од средината на минатиот век. Поопремената Speciale има сосема поинаков стил со маска во која е „изгравиран“ амблемот на Alfa Romeo.
Профилот на Milano го карактеризира затегнатата силуета и големите тркала. Впечатокот на компактен шмекер е финализиран на задниот дел каде светлата се поврзани и формираат спортска опашка, решение што дава добра динамична завршница на компактната каросерија.
Интериерот може да се пофали со дигитален кокпит опремен со два дисплеи од 10,25 инчи. Од клишето на групацијата Milano се одвојува со карактеристичната графика на инфозабавниот систем и дигиталната инструмент табла. Опционалниот спортски пакет вклучува седишта пресвлечени со алкантара.
На македонските поклоници на Alfa Romeo на почетокот се понудени изведбите со благ хибрид со 136 КС. Нивните цени започнуваат од 29.500 евра за изведбата Ibrida и 32.500 евра за шмекерската Speciale. Аутомобиле СК најавува уште пријатни изненадувања. Традиционалните „Алфисти“ секогаш очекувале повеќе сила на моторите.
Тоа и ќе го добијат, но во електричните верзии. Аутомобиле СК во понудата ги има Junior Ellettrica со 156 КС и моќната изведба Veloce, која е врвниот модел, задвижувана со електро-мотор од 280 коњи.