Од Индија која како земја е четврти по големина производител на возила во светот доаѓаат бомбастични вести
Mahindra претстави два нови електрични модела. Агресивно провокативни во секој поглед, дуетот кросовери е направен на нова интерно развиена платформа иако е сосема веројатно некои технологии да водат потекло од Volkswagen бидејќи двете компании на почетокот на годинава потпишаа договор за соработка.
Како и да е, новите модели се толку уникатни што тешко може да се помешаат со некои други. Кој е автор на нивниот дизајн не се споменува, но добро знаеме дека италијанското студио Pininfarina скоро цела деценија е во сопственост на групата. Значајно е и тоа што со овие два кросовера всушност се најавуваат две нови семејства возила – она со ознака BE наменето за помладата публика додека XEV повеќе ќе биде свртено кон луксузот.
Бројките веројатно ја покажуваат нивната позиционираност во некоја идна гама, што ќе го дознаеме кога ќе започнат да се појавуваат другите модели. Ќе се нудат две опции за капацитетот на батериите, од 59 и 79 киловат-часа и еден електромотор сместен назад со 231 или 286 коњски сили.
Имаат исто меѓуоскино растојание од 2.775 милиметри но во должината доста се разликуваат – помалиот кросовер има 4,4 а поголемиот 4,8 метри. Колку и да изгледаат футуристички стартот на продажбата на овие модели е планиран веќе за неколку месеци, на почетокот на пролетта.
Познати се и цените – пресметано околу 22.300 односно 26 илјади долари. Иако е сигурно дека постојат планови за нивни глобален пласман, тие не се објавени.