Lynk & Co го зголемува своето присуство во Европа – од годинава кинеско-шведската компанија ќе настапува уште во 12 земји меѓу кои и Македонија.
Пазарното проширување ќе започне од Грција и Романија, по што ќе следат сите балкански земји и Молдавија. Lynk & Co кој е во заедничка сопственост на Geely и Volvo досега работеше во седум западноевропски земји. Брендот основан пред осум години располага со широка гама за кинескиот пазар, а во Европа е присутен само со компактниот кросовер означен како 01.
Овој плаг-ин хибриден модел со електрична автономија од 75 километри е развиен во Шведска и ја дели платформата со Volvo XC40. Се произведува во Кина, а цената во Германија му стартува од 46.000 евра. Освен да се купи, возилото може да се земе и со претплата од 600 евра месечно. Засега од Lynk & Co нема информации дали и кога во Европа ќе бидат понудени некои други модели.


