Lotus Evija 🙋 Постои ли причина за загриженост?

Top News Новитети

Постои ли причина за загриженост?

За многумина е потешко да заборават отколку да простат

Објавено на 18 јули 2019 година

Идеологиите го движат светот, сакале ние да признаеме или не. Една од нив е дека Lotus е име кое е неизоставно во креирањето на автомобилската историја. А со новиот електричен хиперавтомобил Evija кој располага со 2.000 KS, и на автомобилската иднина. Да, така е – Lotus дефинитивно се враќа. После долг период во кој важеше за компанија со значајни развојни ресурси но и за маргинален производител на возила чија сопственост се пренесуваше од една во друга рака без никакви ефекти за самиот Lotus, британскиот производител е на добар пат да си го осигура местото на автомобилската мапа што целосно го заслужува. И тоа благодарејќи на храбриот, дури и револуционерен потег со лансирањето на електричниот Evija, кој ќе биде направен во 130 примероци до крајот на 2020 година. Секој од нив ќе чини по милион ипол до два милиона фунти, а оние што ќе сакаат да го набават ќе мора да платат по 250.000 фунти депозит.

Овој прв потполно електричен британски хиперавтомобил има две седишта и задача да ја оживее британската марка на која традицијата ѝ е на нејзина страна. Има должина од 4,46 метри, широчина од 2 и висина од само 1,12 метри и спектакуларен дизајн кој не го сокрива фактот дека во едноделната монокок каросерија од јагленородни влакна се крие улична ракета која го чека својот момент да се провози под полн гас. Податоците за него сé уште не се целосно познати, а од она што во овој момент се знае се издвојуваат четирите електромотори со вкупно 2.000 KS и 1.700 Nm вртежен момент кои на овој 1,7-тонски јуришник му обезбедуваат погон на сите четири тркала и забрзување до 100 km/h за три секунди, до 200 за шест, а до 300 km/h за девет секунди. На 340 km/h ќе се вклучи електрониката и ќе ја запре целата спектакуларност, која преточена во ефективно возење ќе обезбеди отприлика 400 километри автономија.

Во моментов британскиот Lotus е во сопственост на кинескиот Geely, кој воедно го поседува и Volvo.

клучни зборови: ,