Прагматичност наместо емоции
Ни Америка не е повеќе она што беше – Lincoln наскоро ќе започне да го продава својот прв модел произведен во Кина.
Причината е многу логична – додека продажбата на домашниот пазар опаѓа, во Кина расте. Затоа и новата генерација на Nautilus ќе произведуваа само таму. Но менувањето на времињата не значи и дека нешто се има сменето во филозофијата на луксузната марка на Ford.
Кросоверот и понатаму е технолошки напреден премиум производ кој цели на купувачите кои повеќе бараат. Затоа и повеќе ја нема заедничката платформа со Ford Fusion и Edge туку онаа од Lincoln Z кој се продава само во Кина. Таа се одликува со нова хибридна технологија која комбинира дволитарски турбобензинец со електричен агрегат. Располага со 310 коњски сили и во досегашната гама ќе го замени нешто посилниот шестцилиндричен мотор.
Основната верзија располага со 250 коњски сили и се нуди со осумстепен автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Дизајнерски Nautilus еволуираше и сега повеќе личи на поголемиот и попрестижен Aviator, што е истакнато со поголемата маска и целосно поинаквиот заден дел. Должината му е зголемена за некои пет сантиметри, а ентериерот исчистен од поевтината пластика која се среќаваше и кај неговите технолошки браќа од Ford.

Го има можеби најголемиот екран кој составен од два дела се растегнува на цели 48 инчи. Седиштата можат да се наместат на 24 различни начини и нудат функција за масажа која добро ќе дојде со полуавтономниот систем кој овозможува возење без раце. По поглед на цените локацијата каде ќе се произведува новиот Nautilus како да не одигра никаква улога – тој сега е значително поскап и чини 52 илјади долари. Прашање е како на сето ова ќе реагираат купувачите на Lincoln кои се со доста традиционални сфаќања.


