Lexus TZ – Горштак во смокинг

Lexus ја прошири гамата со уште еден електричен кросовер.

Зад ознаката TZ се крие премиум роднина на Toyota Highlander. Но за разлика од него ќе биде глобален модел и ќе се продава и во Јапонија и Европа.

Иако ја делат заедничката структура на каросеријата, Lexus има оригинален изглед на предниот дел со двојни предни светла и карактеристичен нос. Разликите назад се помали но сепак забележливи додека ентериерот е целосно поинаков.

Кабината на овој кросовер долг 5,1 и широк два метри е доволно пространа за шест лица и опремена за целокупен нивни комфор.

Седиштата во првите два реда се со вентилација а атмосферата ја прават попријатна софистицираното осветлување и висококвалитетниот аудио систем.

За погон се задолжени два електромотора со вкупно 408 коњски сили додека батериите ќе овозможат поминување на 530 километри според WLTP нормите. За нивно полнење до 80 отсто од капацитетот со струја од 150 киловати се доволни 35 минути.

Производството на европската верзија на Lexus TZ кое ќе се одвива во Јапонија, ќе започне при крајот на годинава. Цените не се познати.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER