Не се произведува 6 години, а уште се продава
Производството на Lexus LFA заврши во декември 2012 година, но најновите податоци кажуваат дека сé уште се продава по некој нов примерок
Објавено на 17 јануари 2019 година
Автор: Жарир Филип Хамдан
Податоците за продажба на нови автомобили во САД покажуваат дека ланската 2018-та од суперспортскиот Lexus LFA се продадени две, а претходната 2017-тата година три нови возила. Тоа ги предизвика фановите на марката да ги пребројат сите произведени примероци од него и открија дека дилерите на Toyota во САД сé уште чуваат 7 парчиња на залиха. Причината не е дека не можат да ги продадат, туку дека овој модел уште кога се појави стана баран колекционерски примерок. Се развиваше неверојатни девет години и по сите критериуми беше подобро од најдоброто. Производството му започна при крајот на 2010-тата и беше ограничено на само 500 примероци. Тогаш цената во САД му изнесуваше 375 илјади долари, а за колку се продадени овие сега не е познато. Сепак се знае дека како половен LFA може да се купи за 350 до 500 илјади долари. Единствените достапни податоци за Европа кажуваат дека на Стариот Континент се испорачани само 40 примероци, од кои последниот во март 2013 година во Германија.
За овој суперавтомобил беше развиен 4,8 литарски V10 мотор со 560 коњски сили. Имаше секвенцијален менувач со шест степени на пренос и постигнуваше максимални 325 километри на час. Запрашан за негов наследник, првиот човек на европската филијала на Lexus Ален Ујтенховен пред две години рече дека тој е икона со која се гордеат и дека очекуваат да остане тоа во наредните 25 години. Затоа и воопшто не планираат негов наследник.