Lexus од 3,5 милиони долари
Луксузната филијала на Toyota заплови надвор од автомобилските води
Објавено на 29 септември 2019 година
Како што лани најави, Lexus заплови надвор од автомобилските води. Во буквална смисла на зборот бидејќи нивниот најнов производ е луксузна јахта. Долга е 20 метри и во неа се искомбинирани напредните идеи и еден поинаков израз на дизајнерскиот јазик на јапонскиот производител. Рачната обработка и вниманието посветено на деталите се дополнети со модерни технологии. Има два мотора во верзии меѓу 1.050 и 1.350 коњски сили секој, а во трите кабини место за шестмина патници. Докажувањето во оваа за Lexus сосема нова област нема да биде тешко бидејќи сé што е сработено се заснива на истите вредности како и кај автомобилите. Според нивни зборови тимот ангажиран на развојот имал за задача да го пренесе потенцијалот на Lexus-овото сфаќање на мобилноста од копно на море преку визија на еден луксузен животен стил. За тоа да стане стварност, за партнер во производството, продажбата и сервисирањето е избран американскиот Marquis Yachts. Продажбата на оваа јахта треба да започне на крајот на октомври, веднаш по првото нејзино јавно деби. Се очекува цена да изнесува 3,5 милиони долари, плус давачки.