Leapmotor T03 – ќе се произведува во полската фабрика на Stellantis

По вложување од 1,5 милијарди евра, Stellantis доби ексклузивни права да прави, извезува и продава возила на Leapmotor надвор од Кина

Станува ли Европа колонија на Кина? Ова е првото прашање што само се наметнува по најавата дека групацијата Stellantis ќе го произведува во Европа и за европскиот пазар малиот електричен автомобил Т03. Според договорот склучен минатата година во октомври, групацијата Stellantis купи 21 процент од акциите на кинескиот Leapmotor, и се доби со право да ги произведува и дистрибуира производите на кинеската компанија надвор од Кина. Малиот електричен автомобил на Leapmotor T03, ќе биде првиот што ќе го започне тој процес. На Stellantis му e неопходно евтино БЕВ, а Т03 е токму тоа.

Веќе присутен на неколку европски пазари, малиот Т03 се продава по цена од околу 20.000 евра. Неговото европско производство би можело да започне веќе од јуни во полската фабрика во Тиши, каде веќе се произведуваат неколку возила од групацијата Stellantis, со бензински и хибридни погони, Fiat 500, Fiat 600 и Jeep Avenger. Исто така, од истата фабрика ќе доаѓа и Alfa Romeo Milano, модел кој треба да биде претставен идниот месец. Производството на мини автомобилот на струја T03 на Leapmotor би се одвивало со техниката SKD што вклучува оформување на делумно склопени комплети во готови возила. Со таквиот пристап ќе се обезбедат ниски трошоци за производство што ќе овозможи Т03 да биде достапен за широк спектар на клиенти, а можеби сегашната цена ќе стане уште пониска.

Со автономија од 280 километри, T03 веќе се продава на некои ЕУ пазари по цени кои започнуваат од околу 20.000 евра. Моделот може да му  помогне на Stellantis да ја зголеми понудата на евтини ЕВ и да се натпреварува со Dacia Spring и BYD Dolphin. Leapmotor T03, според кинеската спецификација, тежи само 1.190 килограми, опремен е со LFP батерија од 41.3 kWh и достига максимални 110 км/ч. Во меѓувреме, Leapmotor соопшти дека извршниот тим на заедничкото вложување се согласи дека наскоро ќе започне продажба на уште еден модел, C10, првиот електричен кросовер на  Leapmotor наменет за преку океанските пазари, во Германија, Франција, Италија и Шпанија. Stellantis сè уште проценува дали да ги произведува поголемите модели на електричните Leapmotor во фабриката во Мирафиори во Торино, што ќе ја поттикне трката на традиционалните европски производители на автомобили за развој на подостапни електрични возила. Stellantis очекува годишно да склопува околу 150.000 примероци на Leapmotors за пазарите во ЕУ.

Покрај трговските тензии помеѓу Кина и ЕУ, кинеските производители на возила градат фабрики на Стариот континент. BYD најави дека ќе изгради фабрика во Унгарија, додека конкурентот Chery Auto ги проценува опциите за слична инвестиција во Италија и Шпанија. Извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, минатиот месец изјави дека групацијата има право да произведува електрични возила базирани на Leapmotor во Европа, Северна Америка или на други пазари каде што му требаат модели со конкурентни цени за да се натпреварува со кинеските производители на ЕВ. И тоа со кинески производ!

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER