Додека новите производители на електрични возила се мачат како да преживеат, суперавтомобилите се продаваат како алва
Објавувајќи ги податоците за своето работење Lamborghini се пофали дека целокупното производство на Urus е распроданено до 2026 година.
Тоа што овој ултимативен кросовер е стар седум години и што цените му стартуваат од 250 илјади евра како воопшто да не ги поколебува ентузијастите. Така и ќе остане бидејќи неговиот наследник кој ќе биде електричен е планиран за крајот на деценијава. Слична е судбината и новиот Revuelto, чии испораки како наследник на Aventador започнуваат во овие моменти.
Но не за сите – според компанијата листата на чекање за овој плаг-ин V12 хибрид надминува две години и оние што сега ќе го нарачаат може да се надеваат дека ќе го добијат дури во 2027-ма. Оптимизам владее и за наследникот на Huracan Temerario чие производство ќе стартува идната година.
Затоа и засега за него се кажува само дека наишол на доста позитивен одговор на јавноста. Што се однесува до вкупните бројки од работењето на Lamborghini, после ланските 10.112 продадени автомобили годинава се очекува нов рекорд – во периодот што измина пласманот на возила е зголемен за 8,6 отсто, приходите за 20,1 а профитот за 9,8 отсто.
Поинаку кажано, просечната цена на продадено возило изнесува 290 илјади евра од кои повеќе од 80 илјади се заработка за компанијата.