Lada :: Нов поглед кон иднината

Нов поглед кон иднината

Lada до 2021 година треба да прерасне во производител со сосема нов имиџ
Објавено на 30 октомври 2018 година

Руската автомобилска индустрија се буди од зимскиот сон. Според најновите податоци, од почетокот на годинава Lada има продадено повеќе од 260 илјади возила. Најмногу од моделите Vesta и Granta, кои се најдоа меѓу стоте најпродавани автомобили во Европа во изминатиов период. Повеќе од половината од нив, поточно скоро 83 илјади се од Vesta. Значајно за Русите е што оваа бројка е за 46% поголема од истиот период лани. Веднаш зад неа со продадени 75 илјади примероци е Granta, чија нова генерација веќе е претставена. Се разбира огромен дел од оваа продажба е пласиран во Русија и околните земји, но расте и извозот. Според AvtoVAZ во 2018 година во странство се пласирани 27 илјади автомобили, што е 65% повеќе. Во иднина оваа бројка уште повеќе ќе расте бидејќи во тек е проширување на дилерската мрежа во постоечките и освојување на нови пазари. Најнови на списокот додадени земји во кои се извезуваат автомобилите од оваа марка се Тунис и Чиле. До крајот на годинава е планирано да се отворат нови дилерски места во дури 11 држави ширум светот.

Тие ќе послужат како основа за пазарното лансирање на новите модели, кои Lada интензивно ги претставува. Меѓу нив е и Cross верзијата на Vesta, која се чини најприкладна за наследник на класичната Lada онаква каква што сите ја познаваме. Сите погледи сепак се свртени кон наследникот на легендарната Niva, чиј концепт беше покажан пред кратко време. Атрактивно обликуван, овој теренец успешно го има имплементирано актуелното дизајнерско изразување чиј автор е Стив Матин. Отворајќи ги картите за во иднина тој кажа дека за Lada најважно е да биде привлечна, но да остане достапна. Токму во оваа порака треба да се сфати и суштината на новиот теренец на марката. Атрактивноста на каросеријата нималку не треба да ја наруши робусноста на механиката, по која Niva е светски ширум позната. На тоа ќе потсетуваат и понекои ретро детали, но идниот модел сепак ќе биде нов под кожата. Спротивно на трендовите но во согласност со очекувањата, погонот на сите тркала ќе биде сериски.

Со идната Niva ќе се запознаеме наредната година, но сегашниот модел ќе остане во производство барем до 2021-тата. А дотогаш Lada треба да прерасне во производител со сосема нов имиџ. Според ова што го гледаме, веруваме дека ќе биде така.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER