Кралевите на шкорпионите
Престојот во Италија каде го возевме FIAT 124 Spider беше зачинет со уште еден настан во рамките на главниот. Како освежување помеѓу двете рути домаќините ни овозможија да ги испробаме двата деривати на суб брендот Abarth
Објавено на 29 јуни 2016 година
автор: Крумислав Барзов
Борбата помеѓу рационалното и емотивното е стара колку и свеста на човекот. Дилемата дали да се поседува она што треба или она што се сака е мотор што го возбудува духот, тема е на внатрешни судири и немири. Таква е двојбата која ја почувствував, му благодарам на Севишниот, само на неколку часа. За уживањето доживеано со возењето на FIAT 124 Spider пренесов во претходниот текст, но доживувањето зад управувачот на двата деривати на Abarth е посебно.
Abarth „пакувањето“ на 124 Spider е она вистинското
Прв за возење беше новитетот, 124 Spider Abarth. Иако е само преработена верзија на FIAT таа во многу нешта е поразлична. Изгледот е дотеран да потсетува на изведбата Rally од раните седумдесетти години на минатиот век. Црните поклопци на моторот и багажникот и правилно одбраните тркала веднаш побудуваат интерес. Во внатрешноста сé е во знакот на шкорпијата. Мерачот на вртежите е црвен и јасно одделен од другите овални инструменти додека возачот е опкружен во стилски дотеран амбиент достоен на далеку поскап италијански спортски кабрио. Со стартувањето на моторот веднаш до израз доаѓа допирот што го направија инженерите на Abarth. Длабок резонантен баритон продира низ четирите издувни гранки. При поаѓањето се наметнува истиот заклучок како кај „цивилната“ верзија дека до 2.500 врт/мин моторот е индолентен, но над таа бројка се случуваат извонредни работи. 1,4 литрениот агрегат е посилен за 30 коњи (170 КЅ) и тоа го нагласува. Како се качува иглата на вртежите така возачот станува свесен за останатите дотерувања. Спринтот до стотка се апсолвира за 6,8 секунди, а менувачот будно ги следи сите команди за забрзување. Неговата еластичност е широка, па ви овозможува да ги цедите преносите, но и да бидете мрзлив и да не шалтате доколку имате попаметна работа. 124 Abarth ги сака свиоците. Спортските Bildstein амортизери уште повеќе ја вкрутуваат каросеријата, воланот е тврд и изразито прецизен, а она што го констатирав како недостаток кај 124, немањето на самоблокирачки диференцијал, тука е дел од стандардната понуда како и електронски дефинираниот модус за спортско возење…
Задоволството да се вози Abarth е покомплетно кога се работи за отворен автомобил
Првите неколку „кривинчиња“ бев претпазлив. Ништо не се случи. Автомобилот се однесуваше како коњ што си го знае патот. Притискањето на педалата само ги интензивира звукот на моторот, зеленилото околу мене се претвори во долга зелена лента. Доаѓа следниот свиок… Само го следам со воланот, акција проследена со чкрипењето на пневматиците и благото пролизгување кое ја следи траекторијата. Не го отпуштам „гасот“ и влегувам во следниот свиок и се повторува прикаската. Дури на третиот свиок, кој беше далеку поостар, морав да контрирам и тоа без голема мака. Каросеријата со слепа послушност ги следи командите на возачот, а само блокирачкиот диференцијал е благослов за сите викенд „дрифтери“ и спортски ентузијасти. Надуправувањето како да не постои во речникот на 124 Abarth додека подуправувањето е онакво какво што треба да биде за еден шмекерски кабрио со атлетски манири. По триесеттина минути чисто возачко задоволство влезот во едно сликовито гратче ме врати на земја. Крстарењето низ улиците го прекина црвеното светло на семафорот. Пред мене поминуваа три дечиња кои се задеваа, а кога го воочија автомобилот во кој бев им прекина играта и со подзината уста го разгледуваа 124 Abarth. Коментираа за него со детска искреност и воодушевување. Се запали зелено. Тргам со громогласен звук од четирите издуви а во ретровизорот ги оставив заинтересираните погледи на дечињата.
Тоа што моторот во Cinquecento 595 Abarth е истиот оној од 124 Spider кажува сé за неговите потенцијали
Полн со впечатоци се паркирав на местото резервирано за шкорпионите. Следниот за возење беше Cinquecento 595. Со преработката од Abarth оваа модерна икона изгледа уште поатрактивно. 17-инчни тркала, мат боја на каросеријата, раскошна внатрешност зачинета со школкастите седишта и три изведби. Најсилната Competizione го има најсилниот мотор, оној истиот што се вградува и во 124-ката. На прв поглед најдов недостаток, а тоа е петстепениот мануелен менувач. За ваква едиција повеќе би прилегал со шест преноси. Но дали сум во право? Пред почетокот на возењето бев љубезно потсетен дека времето за возење е ограничено поради распоредот. Имав само 20 минути да другарувам со 595. И тоа беа минути за паметење. Во однос на стандардниот Cinquecento, 595 се разликува како Бог и шеширџија. Се потсетува на спортски манири, од седењето, звукот, потпирањето, перформансите, дури и тапацирите на покривот и седиштата, обложувањето на воланот… Буквално сé! Дури и петстепениот менувач има кратки одови. Во возењето менувачот се наметна како вистински избор. Едноставно нема потреба за шестиот пренос. На големата инструмент табла дури е поставен мерач на силата на инерцијата кој во ниту еден момент не беше во централната точка. Кога забрзувате, возите низ свиоци, сопирате тој весело потскокнува низ графичките полиња и ви ги разјаснува силите кои ги чувствувате врз телото. Посебно импресивна е грмотевицата што продира од ауспусите кога се одзема гасот или се менуваат брзините. Со големо задоволство го пофалив однесувањето на 124-ката во свиоци, а ништо помалку нема да го оценам држењето на 595! Секој од изминатите триесеттина километри беше исполнет со врвно задоволство.
Мало и слатко: имав кратки но незаборавни 20 минути да се насладувам со Cinquecento 595 Abarth
Производите на спортската суб марка на FIAT со себе носат голема доза на емоции, изразени спортски карактеристики и луксуз во избалансирана доза. Овие производи се вистински показатели дека спортските импресии, раскошот и возачкото задоволство не се резервирани само за богатите. Со нив и оние кои се подготвени на компромиси во буџетот за автомобил може да бидат во центарот на вниманието и да дишат со полни плуќа, барем кога се зад воланот украсен со шкорпион.