Колку навистина електричните возила загадуваат

Колку навистина електричните возила загадуваат

Електричните возила сé повеќе продираат во нашето секојдневие, но дали тие навистина имаат нулта емисија?
Објавено на 19 јули 2018 година

Соочено со загадувањето на воздухот, човештвото сé повеќе ги прифаќа електричните возила. Полека, но сигурно тие еден ден ќе завладеат со транспортот на планетава. На радост на сите, затоа што немаат никакви издувни гасови. Затоа и ги нарекуваме возила со нулта емисија. Но дали навистина е така? Екологистите не се согласуваат со употребата на овој термин за електричните возила. За нив нулата не е нула ако струјата што се користи за полнење на батериите мора да се произведе од јаглен, нафта или гас. За целата приказна за нулта емисија на електричните возила да има смисла, тие треба да се полнат со струја произведена од обновливи извори – вода, ветар, сонце или нешто друго. Во спротивно единствената придобивка ќе биде тоа што место во урбаните центри, загадувањето ќе го има во близина на електричните централи.

А тоа и не е така мало. Според енергетската заедница, при производство на струја од јаглен во атмосферата во просек се испуштаат повеќе од илјада грама јагленород диоксид за секој киловат-час. Струјата произведена од мазут ја загадува атмосферата со околу 750, а онаа од природен гас со над 500 грама јагленород диоксид за киловат-час. Поголем дел од авто-производителите не објавуваат колку струја трошат нивните електрични возила. Оние што објавуваат споменуваат некои 12 до 13 киловат-часа на 100 километри. Ако струјата за нив доаѓа од јаглен, тоа значи дека тие индиректно во атмосферата ќе испуштат 120 до 130 грама јагленород диоксид.

Според ова, вистинска корист од електрификацијата на сообраќајот ќе имаат само оние земји каде доминира енергијата од обновливи извори. А токму индустриски најразвиените држави имаат најголемо производство на струја од фосилни горива. Во САД тоа изнесува околу 70 отсто, во Кина и Велика Британија 80, а во Германија над 60 отсто. Заради ова, некои земји се обидоа да го условат купувањето електрично возило со потпишување договор за набавка на струја од обновливи извори. За жал, без поголем успех. Освен што е значително поскапа, ваквата енергија ја има малку. Во светски рамки две третини од електричната струја доаѓа од фосилни горива, најмногу од јаглен. Обновливите извори пред сé хидроцентралите, учествуваат со само 20 отсто. Останатите 13% електрична енергија се произведува во нуклеарните реактори и таа исто така важи за многу чиста во поглед на емисиите на јагленород диоксид. Но, тоа веќе е сосема друг и многу посериозен проблем.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER