Светот без коментар
Само шест дена откако беше прикажан глобалниот Seltos, Kia го претстави и европскиот адут во оваа категорија XCeed
Објавено на 27 јуни 2019 година
Можеби токму тоа е причината што јавноста во прв момент остана без коментар за новиот Kia XCeed, иако за него многу што може да се каже. Најпрво тоа би било дека е кросовер верзија на Ceed, заради што и нема изненадувања во поглед на неговиот изглед. Во SUV-понудата на марката ќе се смести меѓу Stonic и Sportage. Во однос на стандардниот Ceed доби изменет преден и заден дел, зголемен клиренс за 42 mm, дополнителни заштитни елементи на каросеријата и кровни носачи. Треба да споменеме и дека за изгледот беше задолжен центарот на Kia во Франкфурт.
Што се однесува до димензиите, XCeed во однос на хечбекот е подолг за 85 mm, поширок за 26 и повисок за само 43 mm. Тркалата во зависност од верзијата се од 16 до 18 инчи, а за неговата внатрешност се наведува дека е попрактична и дека има багажник поголем за 31 литар. Инструмент таблата може да биде дигитална од 12,3 инчи, а погонот во секој случај ќе биде само на предните тркала. Во гамата мотори се среќаваат бензинците од 1,0, 1,4 и 1,6 литри со 120, 140 и 204 коњски сили и дизелот од 1,6 литри со 115 и 136 коњи. Од менувачите ќе бидат достапни шестстепениот мануелен и седумстепениот автоматик со двојна спојка, а кај ослонувањето се среќаваат благи измени. Освен ова, Kia во текот на следната година ќе го понуди XCeed и во mild hybrid и plug-in hybrid погонски верзии.
Продажбата на овој модел на европскиот пазар ќе започне во третиот квартал годинава, по засега непознати цени. Треба да се спомене и дека ова е последната каросериска верзија на Ceed семејството. Како и другите, ќе се произведува во Словачка.