KIA – Stinger

Вести насловна

Струјата го јаде бензинот!?

Дали Stinger ќе оди во историјата ќе се одлучи наскоро

објавено 22. јули 2021

Кога се појави на пазарот пред четири години Stinger успеа да ги сврти очите на јавноста кон себе покажувајќи го големиот потенцијал што го има корејската компанија. Купето со четири врати беше развиено и дотерано да им се спротивстваи на добро етаблираните премиум марки со адекватна каросерија со најголем продажен потенцијал во САД. Пазарниот врв го доживеа токму таму бележејќи 16.806 продадени примероци во 2018. Но, наместо нагоре, бројките одеа надолу секоја година. Од другата страна на Атлантикот работите беа уште полоши каде лани се регистрирани само 1.387 продажби. Надолниот тренд го прави овој модел, колку и да е атрактивен, непрофитабилен па почнаа шпекулации дека ќе биде пензиониран до јуни идната година. Секако, од таборот на KIA нема никакви коментари, но ако внимателно се следат информациите тогаш би можело оваа шпекулација да биде наскоро потврдена.

KIA го произведува Stinger во фабриката Сохари во Гвангмјеонг. Како што самиот производител најави истата таа фабрика ќе биде пренаменета за производство на електрифицирани возила во 2022 вклучувајќи ги хибридните варијанти на моноволуменецот Carnival. Од друга страна пак, KIA нема намера да го електрифицира Stinger. Во прилог на шпекулацијата за пензионирањето на четиривратното купе со моќни бензински мотори е лансирањето на потполно електричниот EV6 кој на пазарот доаѓа есенва, има подобри динамички перформанси и ќе биде поевтино од Stinger. Само за потсетување, најсилната верзија на EV6 до 100 километри на час забрзува за само 3,5 секунди, има два електро-мотори од кои црпи 585 коњски сили а батериите од 77 киловат-часа ќе обезбедат поминување на 405 километри. Основната изведба има батерии од 58 киловат часа, 235 коњски сили во варијантата со погон на сите тркала и најавена цена од 45.000 евра.