KIA – Goodwood Festival of Speed

Занимливости

По електричната авенија…

Дебитантскиот настап на култниот Фестивал во Гудвуд KIA го прави со електричниот EV-6.

објавено 02. јули 2021

Веројатно годинава најзначаен датум во автомобилскиот календар ќе биде Фестивалот на Брзината во Гудвуд. Таму ќе продефилираат дузини егзотични модели, некои од минатото, некои од сегашноста, а некои од иднината. Така може да се прокоментира најавениот деби на KIA на годинешната едиција. Централно место ќе заземе изложбената верзија на електричниот EV6. Тоа е првата KIA што се базира на револуционерната платформа E-GMP (електрична-глобална модуларна платформа) и се напојува исклучиво од електрична енергија.

Одликувајќи се со пакет батерии од 77,4 kWh и 800V полнење како стандард, EV6 ветува автономија до 508 километри. Дополнително, нешто што фасцинира кај овој модел, е и спринтот до 100 километри на час, што се достигнува за само 3,5 секунди. Со своето јавно деби во Велика Британија, KIA EV6 треба да продефилира по „Електрична авенија – Патот до 2030 година“, нова изложба што е создадена за да се прикаже широкиот спектар на електричните возила што се достапни сега или во блиска иднина.

Во придружба на EV6 на настанот ќе биде и моделот Stinger со ознака GT420. Овој единствен примерок има 422 КС и 560 Nm вртежен момент од неговиот надграден 3,3-литарски V6 мотор со два турбо полначи. На патека има импресивни резултати, како резултат на прилагодено подесување на суспензијата, значително намалената тежината и подобрените сопирачки Brembo.