По повод одбележувањето на 20-годишнината од основањето на ЈП Паркинзи на Општина Центар (ЈП ПОЦ), денес во просториите на претпријатието се одржа средба на поранешните директори со актуелниот директор Душко Коцевски.
На средбата присуствуваа поранешните директори Тодор Делјановски, Вангел Андрески, Саша Богдановиќ и Васко Кичевски. Средбата беше можност за размена на искуства и сеќавања, како и за разговор за развојот на претпријатието, предизвиците со кои се соочувало во различни периоди и промените и достигнувањата во изминатите две децении. Со оваа средба воедно започнаа и подготовките за одбележување на значајниот јубилеј – 20 години од основањето на ЈП ПОЦ.
„Дваесет години се значаен период во кој претпријатието поминало низ многу промени и предизвици. Денешната средба беше убава можност да се потсетиме на почетоците, да размениме искуства и да им оддадеме признание на сите кои низ годините придонеле за развојот на ЈП ПОЦ. Секој период оставил свој белег, а наша задача е да го продолжиме тој развој и да обезбедиме уште подобри услуги за граѓаните”, истакна директорот Душко Коцевски. Како дел од јубилејните активности, предвидена е изработка на публикација посветена на 20-годишнината, која ќе го документира развојот на претпријатието низ годините и ќе содржи сведоштва, искуства и сеќавања од луѓето кои во различни периоди биле дел од неговото раководење и развој.


