Со цел унапредување на заштитата на животната средина преку правилно собирање, селекција и рециклирање на отпад, двете претпријатија ќе се грижат за екологијата.
Соработката на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и „Нулта Отпад“ предвидува соработка со тежиште на неколку основи и тоа:
- поставување и одржување на садови и опрема за собирање отпадни батерии и друг отпад;
- организирање на правилно собирање, транспорт и рециклирање на отпадот согласно важечките прописи и стандарди;
- едукативни и информативни активности за подигнување на јавната свест за значењето на селекцијата и заштитата на животната средина;
- размена на искуства, знаења и ресурси за поефикасно спроведување на еколошките практики.
Со оваа соработка, ЈП ПОЦ дава свој придонес кон намалување на негативните влијанија врз животната средина, унапредување на еколошките практики и подигнување на јавната свест за важноста на правилното одлагање и рециклирање на ваквиот тип отпад.
Согласно Меморандумот, ЈП ПОЦ ќе обезбеди простор и услови за поставување соодветни садови за отпадни батерии и/или друга отпадна електрична и електронска опрема, како и пристап за нивно собирање. Дополнително, претпријатието ќе ги информира корисниците и граѓаните за потребата од селективно одлагање и, по потреба, ќе учествува во заеднички акции за собирање и рециклирање.
Директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, истакна дека оваа соработка е дел од пошироките заложби на претпријатието за одговорно и современо работење. „ЈП ПОЦ не е претпријатие кое се грижи само за организацијата на паркирањето, туку и за уредувањето, хигиената и квалитетот на јавниот простор во Општина Центар. Со оваа соработка сакаме да дадеме конкретен придонес кон заштитата на животната средина и да покажеме дека и јавните претпријатија можат активно да учествуваат во создавање поодржливи навики кај граѓаните“, изјави Коцевски.
Од „НУЛА ОТПАД“ ДОО Скопје посочија дека правилното управување со отпадната електрична и електронска опрема е особено важно, бидејќи ваквиот отпад содржи компоненти кои, доколку не се третираат соодветно, можат негативно да влијаат врз животната средина и здравјето на луѓето. Посочуваат дека партнерството со јавните институции и претпријатија е клучно за воспоставување ефикасен систем за управување со отпад и за поттикнување на еколошката одговорност кај граѓаните. Со ова партнерство, ЈП ПОЦ и „НУЛА ОТПАД“ ја потврдуваат својата заложба за унапредување на одржливите практики, заштита на животната средина и развој на општествено одговорни решенија во интерес на граѓаните.



