Современо опремениот простор наменет е за побрза, поквалитетна и поефикасна услуга за сите корисници на претпријатието.
Во рамки на инвестицијата е изведен целосно нов и модерен ентериер, воведен е современ административен систем за управување со редот на чекање преку автоматско издавање бројчиња, набавени се нови специјализирани скенери за обработка и дигитализација на документацијата и нова информатичка опрема, а инсталирани се и системи за видео надзор и алармна заштита.
„Денес не отвораме само нова канцеларија – отвораме нов начин на комуникација со нашите корисници. Тука ќе доаѓаат граѓаните кога им е потребна информација, кога склучуваат договори, поднесуваат барања или кога им е потребна поддршка за прашања поврзани со работењето на претпријатието. Со оваа инвестиција воспоставуваме повисок стандард во односот кон корисниците.
Современата опрема и новите административни решенија ќе овозможат побрза и поефикасна услуга, поедноставни работни процеси и подобро корисничко искуство. Инвестираме во современи услови затоа што веруваме дека зад секоја добра јавна услуга стои добро организиран систем и професионален однос кон секој корисник“, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски.


