Jeep започна да се искачува кон својата електрична иднина
Траекторијата до неа е електрична и ќе ја предводи Wagoneer S. Иако го носи името на своите поголеми семејни роднини нема ништо заедничко со нив.
Помал е всушност и од Grand Cherokee но големото во него е флексибилната платформа која ќе биде основа за многу други нови модели не само на Chrysler и Dodge, туку и на Alfa Romeo и Maserati. Способна е за повеќе погонски опции, но засега е претставена само онаа на струја.
Развива 600 коњски сили кои ќе му помогнат до 96 километри на час да забрза за само 3,4 секунди. Благодарејќи на батериите од масивни 100 киловат-часа кои за 23 минути се полнат до 80 отсто, во состојба е да помине 480 километри. Овој пакет засега е единствена опција, но понатаму ќе следат и поевтини верзии со помала моќност, пократка автономија и пониска цена од сегашните 72 илјади долари.
Сигурно ќе добие и хибриден мотор колку да не биде збунувачка 4xe ознаката што кај него значи дека има погон на сите тркала. Jeep Wagoneer S не е екстремен теренец а совладувањето разни препреки го олеснуваат неколкуте режими на возење. Затоа пак е претставителен, со аеродинамична каросерија со складни пропорции и коефициент на отпор на воздухот од 0,29.
Типичните коцкасти линии се заоблени, дури и препознатливата маска е силно модернизирана. Таква е и внатрешноста исполнета со нови технологии и опрема која благо тежнее кон премиум класата. Со испораки ќе се започне есенва, само во Соединетите Американски Држави и Канада. Остатокот од светот ќе почека, колку долго не е прецизирано.