Jeep – Grand Cherokee L

Вести насловна

Поголем и подобар!

Шест месеци по најавата, долгата изведба достапна за Американците

објавено 08. јуни 2021

После полни девет години на пазарот, Jeep ја претстави новата генерација на Grand Cherokee, но засега само во продолжената верзија. Таа ја носи додавката L во ознаката, која кажува дека култниот теренец сега е за скоро 40 сантиметри подолг. Задачата да се подготви модел кој ќе го оправда стекнатото наследство на името што го носи не беше лесна.

За ништо да не препуштат на случајот, во Jeep како основа го зедоа концептот Grand Wagoneer од минатиот септември. Дизајнерските црти во целост му ги презедоа, така што сега Grand Cherokee прилично се разликува од сегашниот модел. Тенките светлата малку вештачки се надоврзуваат на пониската маска која недвосмислено асоцира дека се работи за нов модел на Jeep. Бочниот профил еднакво е остар како и предниот крај, а камионскиот заден дел јасно покажува со колкав простор располага во неговите 5,2 метри должина. Меѓуоскиното растојание е растегнато на 3,1 метри, а широчината на скоро два метра.

Дека изгледот е впечатлив ќе се сложат само Американците, за кои и примарно е создаден. Затоа и Grand Cherokee во основната верзија ќе доаѓа само со погон на задните тркала, додека оние на кои им требаат теренски способности ќе можат да бираат меѓу три 4×4 системи, дополнети со прилагодливо воздушно ослонување. Што и да изберат ќе добијат осумстепен автоматски менувач кој силата ќе ја добива засега само од две погонски единици – 3,6 литарскиот Pentastar V6 со 290 и 5,7 литарскиот Hemi V8 со 357 коњи. Најавена е хибридната верзија 4хе за крајот на годинава.

Во радикално различната внатрешност на Jeep Grand Cherokee L се среќаваат низа свежи решенија, предводени од дигиталниот кокпит со најновите инфо-забавни системи. Самата изведба на целата кабина со полно кожа, фина пластика и додатоци од алуминиум и дрво делува впечатливо до толку што може да му се прости недостатокот на некои напредни технологии кои неговите европски конкуренти вообичаено ги имаат. Купувачите ќе може да сметаат на основните асистенти како што се помошта за задржување на коловозната лента, системот за препознавање сообраќајни знаци, активниот темпомат со автоматско запирање и слично.  Актуелната генерација на Grand Cherokee ќе остане и понатаму, сé додека Jeep не ја подготви за пазарно лансирање и верзијата со стандардно меѓуоскино растојание.